Деновиве од печат излезе новото книжевно дело на единствениот и безвремен натуралист во македонската литература, Зоран Пејковски насловено како: „Фитилот догорува“ во 6 сцени со пролог и епилог. Издавач е ПНВ-Публикации од Скопје.
„Фитилот догорува“ е драма во стих во 6 сцени со пролог и епилог, која е посветена на 130-годишнината од формирањето на ВМРО, 120-годишнината од Смилевскиот конгрес и 120-годишнината од Илинденското востание.
Во овој текст, Зоран Пејковски преку специфичен драмски заплет прави едно бравурозно книжевно дело, во кое преку различни сцени ги отсликува различните периоди, но и моменти од македонската историја…
Во една од сцените се говори за суштественоста и организираноста на организацијата ВМРО, како трајна обединувачка мисија на целиот македонски народ, систематизирана и во предизвиците на организацијата како трајна заштита од надворешни и внатрешни непријатели, преку формирање на тајната полиција, која превзема одлуки во расчистување на предавствата внатре во организацијата, но и надвор во пропагандистичките структури кои беа на овие простори… Па така, меѓу останатите можат да се сретнат и ликовите на: Спиро Келиманов (човек на Гоце Делчев), Нечо од Битола, Андон Ќосето (пајтонџија на д-р Христо Татарчев), Аргир Манасиев, Иван Телјатинов и други, кои бездруго се водеа од единственоста, а тоа е Македонија да биде една и единствена, заштитувајќи ја дури и од оние постојани пропагандистички структури, и од бугарска, и од грчка, и од српска страна, кои се обидуваа да го разнебитат Македонецот.
Забележана е и средбата на Гоце Делчев и Даме Груев пред Смилевскиот конгрес, но и состојбите на Горскиот штаб на Крушевската востаничка околија, за да се случи Македонската Илинденска епопеја, па сѐ до сцената – епилогот со преживеаните Илинденци, како што и би рекол и Вторниот преживеан Илинденец …„Боже, колку силна возбуда блесна во пределот зад секавицата, на громот што стрештено стигна, како пресметана казна за добрите намери, за големиот залог на смртта“…. Или пак, што би рекол Петтиот преживеан Илинденец:… „Кодошите и предавниците, Јуди човекови, што предадоа сѐ што е свето, така откупени мислат дека фитилот не е ни запален, а тој само што не бувнал да распламти сѐ“….
Рецензенти на ова посебно драмско дело се: Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски, господин Петар и македонскиот писател Владимир Илиевски.
Во својата рецензија Митрополит Петар, меѓу другото ќе напише: „Историскиот настан на формирањето на ВМРО од 23-ти октомври 1893 година, во градот Солун, во книжарницата на Иван Хаџи Николов и одржувањето на Смилевскиот конгрес се претставени во уметничка рамка во прологот и првите две сцени од драмскиот текст. Во понатамошните сцени авторот уметнички ги обработува историските настани од активностите на Горскиот штаб на Крушевската република за подготовка и кревање на востанието во Крушево.
Епилогот на драмата ни ги претставува преживеаните илинденци кои претставуваат Манифест за преживеаните. Преку драмата во стих „Фитилот догорува“, авторот успеал на свој начин да протолкува и да престави дел од историските настани во Македонија низ галерија на историски ликови: Даме Груев, Петар Поп Арсов, Андон Димитров, Христо Батанџиев, д-р Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов… итн“….
Македонскиот писател Владимир Илиевски за драмата во стих „Фитилот догорува“ меѓудругото ќе напише: „Ако историчарот им пристапува на настаните и на историските личности со цел на ги разоткрие последиците и нивното персонално влијание во тие последици, книжевниот творец својот интерес го наоѓа во меѓупросторот на историските точки, односно во она што не е во интересната сфера на историчарот, а тоа се емоциите, чувствата, личните размисли, вербата, стравот, решеноста, оптимизмот и песимизмот на поединецот. Односно, ако поинаку погледнеме, историчарот го интересира „големата“, објективна слика на светот, а книжевникот е привлечен од бројните „мали“ субјективни слики, кои заедно создаваат една покомплексна и со информации понабиена слика.
Во драмата во стих „Фитилот догорува“ е испочитувана ваквата поставеност помеѓу историографијата и книжевната креација. Пејковски го гради своето дело врз принципот „како би можело да биде“ наспроти историографскито „како било“. Со ова Пејковски се покажува како доследен приврзаник на оваа Аристотелова премиса“…
Инаку, е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Тој е и доцент од областа Драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје. Автор е на 23 драмски дела, на шест сценско-драмски рецитали, на 25 поетски книги, во кои се и четирите поеми, еден препев, еден роман, четири научно-истражувачки книги од театрологијата, три публицистички книги, и над 50 дела од областа на научната мисла на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. Во 2016 година се стекнува со титулата почесен амбасадор на мирот, во 2017 година се стекнува со титулата академик, а во 2018 година се стекнува со титулата европски писател на поезијата и уметноста, што ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европската Унија. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија…