Ансамблот на НУ Народен театар-Битола ги заврши подготовките за најновата театарска претстава „Хамлет машина“ од Хајнер Милер, која што премиерно ќе биде изведена на 28 и 29 декември, информираат од Битолскиот театар.
Изминатите два месеца со актерите интензивно работеше режисерот од Суботица (Србија) Андраш Урбан, кого критичарите го сметаат за човек кој го негува современиот правец на балканскиот театар.
– Изградивме одличен флуид со актерите од овој град кој наликува на мојата Суботица, иако и двата се наоѓаат на различни пунктови во регионот, истакна на прес – конференција во Битола, режисерот со унгарско потекло Урбан.
Композитор за претставата е Силан Мезиќ, костимограф Благој Мицевски, а сценограф, актуелниот директор на театарот, Валентин Светозарев.
Најновата претстава „Хамлет машина“ на битолскиот театар освен со премиерна изведба ќе биде придружена и со премиерно претставување на новиот актерски простор, некогашниот салон за проби во НУ Центар за култура. Станува збор за нова мала сцена со мулти функционална намена, со капацитет за 200 посетители која во текот на овој месец интензивно се подготвуваше во Битола и за чија целосна реконструкција средства обезбеди Министерството за култура.