„Пат“ – изложба и фотомонографија од Миладин Чолаковиќ

Изложбата „Пат“, на познатиот српски фотограф и кинематографер, Миладин Чолаковиќ, беше отворена во саботата (3 ноември, 2012) во Кинотеката на Македонија, кога освен отворање на поставката се случи и промоција на истоимената фотомонографија.

Публикацијата е субјективен фотографски документ за група Роми и се состои од два дела. Првиот, насловен “Мечкари“ е сниман од 1996 до 1998 година, а деловите од реалноста која тогаш ја забележал авторот Чолаковиќ, се реконструирани 12 години подоцна, на почетокот на 2010 година. Така настанал и вториот дел, „Собирачи на железо“.

Изложбата „Пат“ која скопската публика ќе може да ја погледне во наредниве две недели, е во организација на Центарот за медиумски активности, (ЦМА) што ја спроведува регионалната платформа за активизам „Лице в лице“.

Од ЦМА велат дека главната причина изложбата „Пат“ да биде дел од мисијата на регионалната платформа е, пред се, нивната заедничка заложба, а тоа е борбата против дискриминацијата, предрасудите, лошите навики…

-Овековечувањето на фотографиите во исто време беше момент да се спротивставиме на ограниченоста во едно време. А, минливоста е тешка тема, и при соочувањето со неа, фотографијата е немилосрдна. Но, тие не се оптеретуваат со таа споредба на моментите од фотографиите низ времето. Едноставно, живеат во сегашноста. И, покрај тоа што нашето соочување со такви документи понекогаш е убаво, бидејќи служи како катализатор на сеќавањето, а понекогаш непријатно бидејќи нè потсетува на нашата овоземна временска ограниченост – зборуваше Чолаковиќ за времето додека се создавала изложбата „Пат“.

Фотографиите кои ги прават двата циклуса, „Мечкари“ и „Собирачи на железо“, се направени претежно во Параќин, но и во други делови на Србија, голем дел од нив – предградија.

За фотомонографијата свое видување во саботата даде и директорката на Фестивалот за филмска камера во Битола, „Браќа Манаки“, Лабина Митевска, за која „Пат“ е една од најубавите монографии што ги видела.
-Очигледно е дека е пред нас имаме дело работено со многу љубов во изминативе 15 години. Живееме во време на изобилство на вештачка уметност, и затоа секогаш е добро кога имаме допир со искрената. Во секоја од овие фотографии гледаме една неверојатна човечност, но и неверојатна еднаквост на возвраќање од двете страни – рече Митевска, која е добар познавач и на Чолаковиќ како кинематографер.

Чолаковиќ е автор на повеќе фотографски изложби, а како кинематографер ги потпишува филмовите „Смрт на човекот на Балканот“, „Востаничка улица“, „Бел, бел свет“, „Кажи зошто ме остави“ и други. Тој беше и член на годинашното жири на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

На фестивалот, во соработка со „Лице в лице“, тој одржа работилница за перспективите на фотографијата.

You May Also Like