Блесок со нов наслов во претпродажба. Во едицијата современ роман, Блесок набргу ќе го објави седмиот роман на една од најистакнатите македонски писателки, Оливера Николова, насловен „Куќичка“ (Блесок, 2012, 238 стр.).
Седмиот роман на една од најистакнатите македонски писателки, госпоѓата Оливера Николова, едноставно насловен „Куќичка“ е потресна приказна за голем број карактери, од кои централниот лик, Зујка, е стожер на целото сиже. Авторката умешно и инвентивно „манипулира“ со својот главен лик, воведувајќи невообичаена книжевна постапка, при што на моменти Зујка добива атрибути на кукла на конец. Сепак, вештината на раскажувањето од Зујка прави полнокрвен лик кој на свои плеќи го носи целиот роман. Оваа жена има тешка и потресна судбина, која на разни начини е поврзана со судбините на нејзините блиски: Зујка страда уште од раната младост, и се чини дека никако не успева да ја оствари толку посакуваната среќа. Неможноста тоа да го постигне, дури и ја доведува во ситуација да се запраша дали воопшто сака да биде среќна.
Таа е неисполнета на сите полиња: професионално, емотивно, семејно. Пa сепак, Зујка не се предава на летаргијата; наоѓа начин како својот креативен архитектонски порив да го преточи во нешто кое самото по себе би си било доволно: црта куќички кои, ете, понекогаш можат да бидат и исполнети сe живот и радост.
Книгата ќе биде објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. Претпродажбата на книгата ќе трае до 12 март 2012 година.
Белешка за авторката
ОЛИВЕРА НИКОЛОВА е родена во 1936 година, во Скопје. Учела во Струга и Велес, а завршила Филозофски факултет во Скопје. Работела како драматург на радио и телевизија. Пишува за деца и за возрасни.
Попознати дела за деца се: Зоки Поки, Земја во која не се стигнува (Награда на РТВ и Струшки вечери, 1966), Пријателите Бон и Бона (Награда на РТВ и Струшки вечери, 1975), Мојот звук (Награда „Младо поколење“, 1978), Девојките на Марко, Љубоболки, Шифри на каменот, Преминот не е осветлен, Светлосна година, и други. За специјални постигања во современиот израз на литературата за млади, во 1983 година ја добила Змаевата награда.
Нејзини дела за возрасни се: книгите раскази, Ден за летување и Лева комора, комедијата Сребреното јаболко, романите: Тесна врата (Награда „Стале Попов“, 1983), Домашни задачи, Тромбот, Адамовото ребро (Награда „Рациново признание“, 2000), Вежби за Ибн Пајко, Куклите на Росица (награда „Роман на годината“ за 2004 г.), Белиот чад, како и книгата со драмски текстови под наслов Сребреното јаболко.