Во издание на „Силсон“ од Скопје излезе од печат романот „Врамување во пустелија“ од авторот Гоце Ристовски.
„Врамување во пустелија“ е роман од авторот Гоце Ристовски кој зрачи со сугестивна моќ – го заграбува читателот и не го остава спокоен и по прочитот. Инспирација за делото се премрежјата и творечки пат на еден современ македонски писател, општественик и дипломат. Неговите духовни прекршувања во „пустелијата“ на времето и просторот, вознесите и паѓањата. По својот карактер романот можеби најмногу може да се класифицира како психолошки, но има удел и документарното па, од тој аспект, претставува и обид за преслика на ентусијазмот и револуциите во втората половина на дваесетиот век и почетокот на новиот милениум но и на разочарувањата, диктатурите – вечните човекови трепети и предизвици на модерното време и односот поединец – општествената реалност.
Ова дело ги преиспитува човековите страсти, страдања, вдахновенија и креации. Стравот, гревот, храброста, простувањето, искупувањето…
————–
Гоце Ристовски (1958) – писател, преведувач, литературен и театарски критичар, новинар, публицист, уредник и колумнист. Автор е на книгите: „Око, раска и видело“, дел од мултимедијалниот проект „Траги“ ,1993, Скопје; „Шишков“, монографија, издание на авторот, 1999, Скопје; „Мојот автор, мојата книга“, литературни критики и огледи, Штрк, 2000, Скопје; „Преглед на современата македонска драма“, антологија на современото македонско драмско творештво, Штрк, 2001, Скопје; „Младата македонска драматургија кон крајот на 20 век“, антологија објавена на бугарски јазик, Академичен центар за литература и култура, 2002, Софија; „Гола вода“, раскази, издание на авторот, 2007, Скопје; „Сè е гола вода, мој Ѓорѓија“, роман, издание на авторот, 2010, Скопје; „Ветер и магла“ збирка новински приказни, издание на авторот, 2010, Скопје; „Поетската престолнина на светот“ – монографија по повод 50 години СВП, 2011, Струга; „Врамување во пустелија“, роман, Силсонс, 2012, Скопје.