Со настап на атрактивната фолклорна група од шпанскиот град Лорка, како и со избрана автентична програма на уметници од Севрен Кипар, Полска, Јапонија и од Грција, вечерва (1 август) во Битола завршува 48-то издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Последната фестивалска вечер е насловена како фолклорна разгледница, а гостите од странство својот програмски настап ќе го посветат на наградените учесници.
Според востановената традиција изминативе години, и ова издание на фестивалот ќе се затвори во античкиот театар на Хераклеа.
Вечерва, гостите од странство ќе приредат интернационална фолклорна разгледница, а веднаш потоа ќе се одржи целовечерен концерт насловен како „Мојата Бабам Битола“ со Виолета Томовска, во придружба на групата „Фонтана и пријателите“.
Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија, а од оваа година е член на светската организација на фолклорни фестивали-ЦИОФФ.