Кристина Зимбакова со изложба во САД

Сликарката Кристина Зимбакова ќе биде дел од изложбата во Музејот на уметноста при Универзитетот „Индијана“ во Блумингтон, САД. Истата ќе биде отворена денеска, и ќе трае до 27 јануари 2013. Истовремено ќе се одржува и интердисциплинарниот светски симпозиум за Силвија Плат.

Поезијата на оваа култна американска поетеса е и тема на поставката „Олицетворување на ‘Ариел’ од Силвија Плат”. Зимбакова ќе изложува заедно со британската сликарка Стела Вајн, американската фотографка Линда Адел Гудајн и рускиот уметник Борис Лури – основоположник на светското движење „Ноу!арт“. Во рамки на настанот, ќе одржи и предавање на тема „Од улиште до грне со мед – уметниците жнеат од изобилието на Плат”.

Кристина Зимбакова била дел од повеќе групни изложби, а изложувала и самостојно, во Македонија и во странство. Ќе ги споменеме само изложбите во Британскиот совет и Галеријата на Швајцарската амбасада во Скопје, Театарот во Оксфорд и Тајмс сквер во Њујорк.

You May Also Like