„Фестивал за 2600 евра“ е насловот на петтото издание на Locomotion – Фестивалот на современ танц и перформанс што утре и задутре (8 и 9 ноември) ќе се случува во Младинскиот културен центар во Скопје.
Петтиот Фестивал за современ танц ќе започне со кореографијата „Бејби! Епизода 3“ на Селин Лалиер и Јана Ефтовиќ, а во рамките на првата вечер ќе биде прикажана и претставата „Привремени“ каде автори и изведувачи се Ана Дубљевиќ, Душан Брокиќ, Игор Коруга, Љиљана Тасиќ, Јована Ракиќ Киселиќ и Марко Милиќ, а драматург Ана Вујановиќ.
Во петок настауваат студентите од втора и трета година од класата за Современа педагогија при Факултетот за музичка уметност кои премиерно ќе ја претстават кореографијата „Кинестезија 1“ на Искра Шукарова, работена на музика на „Андан проџект“ или Ронит Бергман, Доријан Јовановиќ и Филип Митров, Вежбанката по кореографија за внимание „Точка од која нема враќање“ на Далија Аќин Теландер, „Трансформација“ – концепт и режија на Вили Прагер во соработка со Соња Предгар и Тиан Ротивил и за крај „Врело лижавче“ на авторите и танчери Тасиќ и Брокиќ.