Четири домашни претстави денеска на МОТ

Денеска (недела, 21 септември) на третиот ден од годинашното издание на МОТ, публиката ќе може да погледне три претстави од домашна продукција.

18:00 Автобус на ЈСП, поаѓање – автобуска станица: Симпо – „КОНТРОЛА“ на Теа Беговска. Патници со своја приказна и свој проблем. Едни со билет, други без билет. Затекнати од контролата со која се обидуваат да се соочат или да не се соочат. Овој перформанс зборува за контролата воопшто. Колку знаеме да се исконтролираме во дадени ситуации, да не заплачеме или да не се насмееме? Колку успеваме да се контролираме самите себе во системот што е контролиран сам по себе? Ако слободата и контролата се двете крајности на една личност, тогаш што е средината? Перформансот е всушност вистинско возење со автобус во кој се случуваат вистински случки и каде што публиката е лик (причинител, а воедно и сведок на една вечна тема – контролата).

19:00 МКЦ – ЈАС СУМ... перформанс на танчери од насоката за модерен и џез балет ДМБУЦ, Илија Николовски Луј, Скопје

20:00 Театар за деца и младинци„Нашиот клас“ на режисерот Владимир Милчин.

Група ученици, Евреи и католици, ги откриваат своите амбиции: еден сака да биде пожарникар, друг филмска ѕвезда, еден пилот, друг лекар. Ја учат азбуката. Полска, 1925-та. Како што растат децата, нивната земја ја распарчуваат странски војски, прво советската, а потоа нацистичката. Додека национализмот незапирливо се шири, внатрешните неправди се продлабочуваат; пријателите се предаваат едни со други; насилството ескалира. Нашиот клас, кој Слобоѓанек го објавува во 2009-та година, е потресна приказна за комплицираните полско-еврејски односи во 20-от век, за колективниот срам, за вистината што никому не му е потребна и за историјата на која не може да ѝ се суди, не може да се реконструира, ниту, пак, може да се објасни.

21:00  Сцена Зебра – О(ТЕЛО) на Скопје танцов театар и кореографот Рисима Рисимкин.

Како што вели самата Рисимкин – најновата премиера на Скопје танцов театар се занимава со формата, телото и енергијата. Го истражуваме односот, за да дојдеме до суштината. И добро се забавуваме. Бидејќи имаме нешто што сакаме да го кажеме. За нас. За вас.

Подетални информации за програмата на www.mot.com.mk

You May Also Like