Хорот на Ансамблот за народни песни и ора „Танец“ вечерва (вторник, 16 мај) за првпат ќе изведе концерт со словенско-византиско пеење, на настап во во Музејот на македонската борба, со почеток во 20 часот.
Станува збор за концерт кој е дел од фестивалот „Денови на македонска музика 2023“ на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ. На концертот ќе се промовираат и книгите „Литургии арманеска“ од Јане Коџабашија и „Краток воскресник“ од Јанаки Стојменович, во транскрипција на европска нотација на д-р Мирјана Павловска-Шулајковска.
За концертот, за кој влезот е слободен, од „Танец“ велат ќе ја отслика тесната врска меѓу фолклорната и црковната македонска вокална практика.
- Истражувањата од областа на црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија, кои го опфаќаат периодот од втората половина на деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век го потврдуваат неговиот значаен дел од македонското и општото културно наследство. Овој процес започнат на прагот на 70-тите години од минатиот век, остварува развојна истражувачка линија која се занимава со овој сегмент од македонската музичка историја. Првичните резултати од овие истражувања придонесоа црковното пеење од византиската традиција да стане мошне важно поглавје од историјата на македонската музичка култура, со што се отвори значајно поглавје во националната музика. Досега откриените ракописни и печатени псалтикии и дејноста на црковно – музичките дејци од посочениот период, представуваат континуитет на Св. Климентовото предание и го потврдуваат постоењето и практикувањето на источното црковно пеење во Македонија“ – велат од „Танец“.