Билјана Димко, Адријана Стамболиска, Панче Ковачовски и Богољуб Адамов – се четворицата најдобри поети на првиот конкурс „Поезија во глувата соба“ на СТУДЕНТ ФМ 92.9
Во периодот од 19-31.12.2011 СТУДЕНТ ФМ 92.9 за прв пат распиша конкурс за најдобар млад поет со наслов ,,Поезија во глувата соба“. На конкурсот имаа право да се пријават сите студенти на возраст од 18 до 25 години и тоа со по три поетски творби.
До крајниот рок на нашата адреса пристигнаа творби од 13 млади автори, што сметаме дека е голем успех, бидејќи се работи за иницијална идеја за поддршка на младата поезија и преку радио-етерот.
Образложение: Општиот впечаток е дека во речиси сите поетски ракописи доминираат интимистичките ноти, егзистенцијалистичките прашања и мотивите поврзани со животот, смртта и љубовта. Најзастапен е слободниот, неврзан стих и обидите за преплетување на прозата со поезијата, односно проза во стих.
Од пристигнатите ракописи од 13 автори, наместо тројца првонаградени, како највпечатливи беа избрани творбите на четворицамлади поети: Билјана Димко – поради мотивската конзистентност и отвореното кокетирање со женското поетско писмо, Адријана Стамболиска – поради реткиот пример за издржана употреба на врзаниот стих (рима) и умешното градење на поетските слики, Панче Ковачовски – поради изразениот лаконски, но прецизен стих и Богољуб Адамов – поради непретенциозната лиричност и љубовно-еротските елементи.
Пристигнатите дела ги оценуваше тричлено жири во состав: Александра Јуруковска – новинар и книжевен рецензент, асс.м-р Даниела Блажевска – асиситент по комуникациски теории и Игор Смилевски – новинар во културната редакција на СТУДЕНТ ФМ 92.9
Четворицата наградени ќе имаат можност за учество во поетски перформанс „Поезија во глувата соба“ што премиерно ќе биде изведен и емитуван токму на фреквенцијата на Универзитетското радио – СТУДЕНТ ФМ 92.9
Се надеваме дека Конкурсот „Поезија во глувата соба“ ќе прерасне во традиција.
Студент ФМ 92.9 – Универзитетско радио