Министерството за култура информира дека баритонот и оперски режисер Дејан Прошев е избран за директор на оваа установа, според објавениот Конкурс за избор на директор на Националната установа Македонска опера и балет – Скопје, објaвен во весниците „Утрински весник“ и „Коха”.
По предлог на Комисијата за селекција на кандидати за избор на директор на НУ Македонска опера и балет – Скопје, Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, оценила дека кандидатот Дејан Прошев ги исполнува општите и посебните услови утврдени во Конкурсот, а во согласност со доставената програма за работа и развој на установата за периодот 2010 – 2014 година, поседува стручни и други квалитети за извршување на функцијата директор.
Понудената програма за работа и развој на установата за периодот 2010 – 2014 е насочена, пред сè, кон развојните сегменти во оперската и во балетската уметност, овозможување на стручни усовршувања на оперските уметници, континуирана изведба на делата од репертоарот и соработка со странски солисти и уметници, збогатување на балетскиот репертоар со алтернативни дела, дела од современото творештво, како и соработка со реномирани светски куќи за балетска опрема. Новина во програмата е одржување на балетски фестивал, чија цел е одбележување на месецот на современиот танц.