Декември е последниот месец во годината, месецот пред новогодишните и божиќните празници, месец кога се трошат најмногу пари за убави нешта, се прават ретроспективи на сите активности и случувања од целата година. Овој декември Кинотеката на Македонија ќе понуди програма која, посочуваат, со сигурност ќе ве натера да излете од дома и да ја посетите нашата кино сала, бидејќи постпандемично, сите сакаме да го смениме секојдневниот домашен амбиент.
На самиот почеток на овој месец Кинотеката, во партнество со киномрежата во која членува – Еуропа синемас (Europa Cinemas), се придружува кон иницијативата на Eвропската филмска академија наречена (EFA) „Месец на европски филм“ која започна пред три недели. Во тие рамки, сѐ до 10 декември, и локални киносали и големи киномрежи ќе прикажуваат специјални програми, настани и ретроспективи со кои ја промовираат богатата европска кинематогафија.
-Ние се приклучуваме кон оваа иницијатива со циклусот филмови на познатиот чешки режисер (а и актер, и автор, и професор..) Јиржи Менцл, кој со својот сензибилитет на филмско раскажување нема да ве остави рамнодушни. Менцл гостуваше во Кинотеката во 2009 година и во Скопје, и на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, а на македонскат публика, онаа со изгледана поголема километража на филмски летни – добро ѝ е познат. Неговите класици СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ, СТРИЖЕНО-КОСЕНО, ЛАСТОВИЧКИ НА ЖИЦА, СНЕЖEН ФЕСТИВАЛ, СЕЛО МОЕ МАЛО, КРАЈОТ НА СТАРИТЕ ВРЕМИЊА, ПРЕКРАСНИ ЛУЃЕ СО КАМЕРА, САМОТИЈА ВО ШУМАТА и НЕПРЕДВИДЛИВО ЛЕТО, како и филмот-омнибус БИСЕРИ НА ДНОТО составен од кратки филмови на највлијателните чешки режисери во средината на 60-ите години на минатиот век (Вера Читилова, Јаромил Јиреш, Јиржи Менцел, Евалд Шорм и Јан Немец) ќе бидат на програмата од првата третина од месецот.
По Менцл „европската“ програма, продолжува со циклусот на Полјакот Анджеј Вајда, а ќе следи документарниот ЖУРНАЛ ЗА ЖЕЛИМИР ЖИЛНИК на Јанко Баљак, со кој се заокружува овој декемвриски фокус на култни режисерки имиња.
Во редовната соработка со Францускиот институт од Скопје, во декември ќе биде прикажан филмот ПРЕЗИР на Жан-Лук Годар кој неодамна „замина“ на Елисејските полиња, а од современата француска кинематографија, ќе се опуштиме со комедијата „Роден лажго“.
И овој месец на Програмата ќе бидат понудени повеќе домашни наслови, а покрај играните филмови во кинотечната програма ќе бидат застапени и краткометражните филмови кои вообичаено се запоставувани како форма во комерцијалните кинопрограми.
-Така, од таа краткометражна „категорија“, на почетокот на месецот ја имаме премиерата на ТАЛЕ И КОРОНА на Томислав Алексов, а подоцна ги прикажуваме и ШЕЌЕРНИ ЛУЃЕ на Сузана Диневски, САМО ЃАВОЛОТ СЕ ПЛАШИ ОД ВОДА на Лидија Мојсовска и ГОСПОДАТА ОД СОВРЕМЕНА на Ана Алексовска. Со актуелната црна комедија КАЈМАК, последното остварување на Милчо Манчевски, и урбанта психолошка драма МИМИ на Дарјан Пејовски, како и документарниот (со оригинален наслов) HOW DO YOU DEFFINE AROGANCE на Небојша Илијевски, ја комплетираме нашата македонска филмска репрезентација во последниот месец од годинава, наведуваат од Кинотеката на Македонија.