„Беседа против богомилите на Презвитер Козма“ од Илија Велев

Деновиве излезе од печат  „Беседа против богомилите на Презвитер Козма“, од проф. д-р Илија Велев во издание на Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје.

Во книгата, покрај студијата на д-р Велев за еден од најпознатите ракописи на Презвитер Козма, беседата е интегрално објавена во две верзии, на црковнословенски и на современ македонски јазик, но делумно и во факсимилна форма. Во оваа книга таа е првпат целосно објавена на современ македонски јазик. Досега беа објавени само фрагменти.

– Објавувањето на двете верзии на двата дела од текстот на полемичката Беседа на Презвитер Козма и овозможува на пошироката читателска и научна јавност во Македонија да се запознае со неговата содржина, која како антибогомилска ги разоткрива изворните учења и идејни тенденции на богомилите, вели издавачот за книгата.

Ова средновековно дело му припаѓа на Охридскиот духовен и книжевен центар.

Илија Велев (1959) е редовен професор и научен советник во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на 30-тина книги како и на повеќе од 300 студии и прилози од областа на медијавистиката, палеославистиката, византологијата, македонската книжевна историја, историографијата и современата литература. Познат е и како автор на поетски, прозни и критичко-есеистички трудови. За книгата „Византиско-македонски книжевни врски“ (Скопје 2005) ја доби наградата „Гоце Делчев“.

You May Also Like