Во вторник (30.04.2013 година) во малата сала на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, со почеток во 20:00 часот, ќе биде промовирана најновата збирка раскази на Лазар Партиков „И јас го видов Тито“, кого струмичката читателска публика го памети по неговото раскажувачко деби со „Жива душа“ (2011 година).
Критички осврт за новата книга на Партиков ќе даде м-р Ана Витанова Рингачева, а делови од неа ќе читаат м-р Наташа Василевска Трајчевска, Марија Темелкова и Ангел Запров. Инаку книгата е резултат на учеството на авторот на конкурсот распишан од „Дата песнопој“ од Битола (минатата година) и победи во конкуренцијата за необјавена збирка раскази, а е носител на наградата Книжевен постамент.
Во најновата збирка раскази на Партиков се најдоа расказите од циклусот со работен наслов „Поројот на моето детство“, кои авторот ги објавуваше на својот блог во периодот од 2008/09 години и четири раскази во посебен циклус – ЖЕНИ, кој веројатно претставува најава за новата збирка на авторот.
За најновата книга раскази на Партиков, м-р Ана Витанова Рингачева, меѓу другото ќе запише:
„ …Воведувајќи го нараторот дете, давајќи му ја можноста да раскажува во прво лице, авторот создава момент на воскреснување на детето во секој од нас, момент на долгоочекуваната средба на заспанатото дете и забревтаната душа на возрасен човек, залутана по беспаќето на катадневната избезуменост. Нарацијата во прво лице се насетува уште во насловот на збирката ,,И јас го видов Тито”, наслов кој скокотливо ја вознемирува љубопитноста на потенцијалниот читател. Нараторот дете функционира како алтер-его на писателот, но истоврмено претворајќи се во алтер-его и на читателот. Во прозата на Партиков, релацијата автор – наратор – читател функционира двонасочно, на моменти читателот е директен учесник во нарацијата, има чувство дека тој е авторот… Воодушевува богатата колоритност на раскажувањето која не само што ги бои ликовите, туку и ентериерно и екстериерно го облагородува амбиентот. Секој детал функционално поставен, до крај си ја извршува својата функција (примерот со коментарот за раскажувачките способности на таткото, нешто што нараторот го наследил, а и авторот исто така). Не сакајќи го начнуваме прашањето за изедначување на авторот со нараторот, аспект достоен за анализа, но во некои други моменти на критичарски предизвик. Аспекот на гледање на нештата е строго детски без при тоа да им се даде ни минимална шанса на возрасните да го превземат кормилото на нарацијата. Нарацијата како филтер ја поминува артикулацијата на оригиналната способност на детската перцепција да ги анализира нештата од поинаков агол, непознат за возрасните.“