Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) денеска во Уметничкиот центар Арт хаб во ГТЦ ја отвори изложбата „Цртеж – експериментален цртеж“, која ќе може да се посети до крајот на месецов, од понеделник до петок од 9 -17 часот. Оваа традиционална изложба е во рамки на Годишната програма на ДЛУМ и се реализира под покровителство на Министерството за култура.
– Оваа изложба има идеја да го задржи принципот на проширување на медиумот цртеж со експериментален пристап и решенија кои би биле предизвик за уметниците. Класичната дисциплина – цртеж има многу можности да опстане во ова време на нови медиуми, употребувајќи мисловни концепти или, пак, излегување од медиумот на дводеимензионалноста и пристапот во изработката. Интересно е што постојат повеќе разнолики приоди во интерпретацијата на идејата, интерпретација на дилемата или, пак, решението како краен резултат, информира ДЛУМ.
На изложбата учествуваат 31 автор членови на ДЛУМ: Александра Димитрова, Ана Спасова, Ана Трајковска, Ангел Димовски Чауш, Ангелца Стоиљковиќ, Валентина Илијевска, Горан Менков, Ѓорѓе Цветковиќ, Давор Ќешкец, Дејан Иванов Маргуш, Дијана Томиќ Радевска, Душан Георгиевски, Златко Глигоров, Зулејха Зубери Али, Илина Арсова, Кирил Гегоски, Лидија Вујисиќ, Лидија Цаковиќ Мојсовска, Љупчо Бојаров, Марија Мицова Гацова, Марија Светиева, Марјана Костојчиноска Узунчева, Наташа Станковска Зафировска, Пандора Апостолоска Саздовска, Росица Лазеска, Сашо Саздовски, Силвана Атанасовска, Слободан Живковски, Стефан Димовски, Стефан Младеновски и Тања Таневска.
ДЛУМ информира дека наградата „Цртеж – експериментален цртеж“ и е доделена на уметницата Росица Лазеска за делото „Композиција 12“.