Промоција и концерт во чест на 80-тиот роденден на Љубомир Бранѓолица

Концертот и промоцијата ќе се одржат на утре вечер (сабота, 22 декември), во 20:00 часот во фоајето на Македонската опера и балет, а ќе биде промовирана збирка со вокални дела од Љубомир Бранѓолица, во издание на СОКОМ. Настапуваат солистите при МОБ: Марика Поповиќ, Невен Силјановски, Александра Лазаревска, Ана Ројдева во пијано придружба на Јанинка Невчева и Елена Сиљаноска. Модератор на концертот ќе биде музикологот Дојрана Прокопиева.

Оваа година македонската музичка култура одбележува мошне значаен настан – осумдесет години живот и творечка дејност на еден од нејзините доајени – композиторот, пијанист и музички писател Љубомир Бранѓолица. Роден во Херцег Нови, на 19 август 1932 година, овој уметник речиси целиот свој живот го посвети на музичката уметност во Македонија, оставајќи траен белег во нејзината музичка историја. По тој повод, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија, а во соработка со Македонската опера и балет, во сабота на 22 декември, со почеток во 20 часот, во Фоајето на Македонската опера и балет ќе се одржи промоција и концерт во чест на композиторот.

Главни носители на настанот ќе бидат вокалните солисти при Македонската опера и балет: Марика Поповиќ, Ана Ројдева, Невен Силјановски, Александра Лазаревска и Марјан Николовски, кои ќе изведат дел од вокалното и оперско творештво на Бранѓолица. На вечерта ќе биде промовирана и збирката „Вокални дела на Љубомир Бранѓолица“. Станува збор за прво издание од едицијата „Македонска музика“, која Сојузот на композиторите на Македонија интензивно ја подготвува периодов, а која опфаќа голем број збирки и поединечни нотни изданија од сите области и жанрови на македонското композиторско творештво.

Настанот е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија.

You May Also Like