Праизведба на балет за Александар Македонски во МОБ

На сцената на МОБ на 09 и 10 април  со почеток во 20:00 часот, публиката ќе има можност да проследи едно необично сценско видување, праизведбата на балетското дело, Александар III Македонски по музика на најпродуктивниот македонски композитор на дела за балет – Љубомир Бранѓолица.

Балетската претстава е под диригентско водство на маестро Борјан Цанев. Главните улоги се доделени на првенецот Васил Чичијашвили од Грузија (Александар), првенката Александра Мијалкова (Роксана), Ивана Коцевска (Олимпија), првенецот Бобан Ковачевски (Хефестион), Трајче Стојковски (Дариј) и Драган Кочоски (Филип II).  Настапува балетскиот ансамбл и оркестарот на МОБ.

Александар III Македонски е балет во два чина, кој започнува  со интересот на композиторот за животот на еден голем крал на Македонија и мотивот да се опее животот на македонскиот војсководец.  Кореографијата е доверена на Роналд Савковиќ од Хрватска, кој ќе каже дека во оваа поставка посветува поголемо внимание на наративната приказна и  визуелната естетика на претставата (македонската традиција). Зоран Костовски ќе понуди сценографија која е создадена да биде прифатлива во денешно време, а сепак автентична на она време тогаш. Костимографијата е на Александар Ношпал, чиј концепт на костими нудат  приказ на елементи земени од класичниот – антички и македонскиот – етнографски костим, редизајнирани на современ начин за да се доближат до она што го бара кореографијата.

Претставата на 09.април е во рамките на манифестацијата „Денови на македонска музика“.

You May Also Like