Младинскиот Културен Центар е првата установа од областа на културата во Македонија, која минатата година доби проект финансиран од Европската комисија за култура, во рамките на програмата “2007 – 2013”.
Имено, се работи за проект од театарската област “ПЛОТС проект”, во кој Младинскиот културен центар е учесник, заедно со партнери од
Италија, Бугарија, Англија и Полска. “ПЛОТС” се базира на размена на знаења, искуства и методи на работа, кои на крајот од проектот треба да резултираат со неколку конкретни театарски продукции.
Во секоја земја, во изминативе две години се одржуваат работилници за светло дизајн, тон, продукциски менаџмент, актерска игра, а главната цел е на крајот од двегодишниот проект да се продуцираат три заеднички претстави, кои како ПЛОТС – фестивал ќе се претстават во петте држави – учесници во проектот.
И конечно, на 30 и 31 октомври, следува презентацијата на проектот во Скопје, проследена со комплетна евалуација на проектот.
Во Скопје, во текот на овие два дена, ќе присуствуваат високи претставници од Комисијата за култура при Европската унија, како и менаџери на меѓународни фондации и институции – партнери во проектот.
Програма за ПЛОТС – Скопје:
На 30 октомври, во Младинскиот културен центар, во 20:00 часот е закажана претставата „Ив Рајмен“ (Eve Ryman), во режија на Џенис Дан.
Во понеделник, 31 октомври, во Македонската опера и балет, во 19:00 часот е закажана претставта „бУра“ (tempEst), во режија на пољакот Павел Палкат, додека пак во 21:00 часот, во МКЦ ќе се одигра претставата „Страсти. Студија за тројанската жена“ (Passions. A study around Trojan women) во режија на Салваторе Трамачере и Џорџија Мадама.
Во сите претстави игра „мешана“ актерска екипа која учествуваше во работилниците на проектот, во текот на изминативе две години.
Влезот за сите претстави е бесплатен.