Делата на 16 наградени уметници од девет европски земји, учесници на 39. Светска галерија на цртеж 2011 – Биенале на наградени автори, се изложени во градот на културата за 2011 – Гевгелија.
Добитник на наградата „Гран при на 39. Светска галерија на цртеж 2011“ е македонскиот уметник Васко Ташковски, кој е награден за неговото дело – два цртежа од циклусот „Корени и организми” и сликата „Медитерански оргули” од циклусот „Урбани мравјалници“.
Заедно со наградата, Ташковски ја доби и титулата „амбасадор на Остен“, како и официјалната остенова статуетка „Уметност на хартија”.
Организаторот на Светската галерија на цртеж додели уште три први награди во вредност од по 5 000 долари за делата на авторите Стефан Бергер од Шведска, Павел Вархол од Полска и Петер Хајдек од Германија. Годинава за првпат е доделена и нововостановената прва награда за автор кој не учествувал на СГЦ, но имал активна уметничка продукција во текот на годината. Добитник на оваа награда е македонскиот уметник Јован Балов, кој живее и работи како слободен уметник во Берлин, Германија.
Статуетките „Остен – уметност на хартија”, авторско дело на уметникот Петар Хаџи Бошков, на добитниците им ги врачи заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ.
Уметничкиот директор на „Остен” Корнелија Конеска, претставувајќи ја Светската галерија на цртеж, истакна дека таа претставува своевидна надградба на 66-годишната традиција на „Остен” во областа на културата отворајќи и додавајќи нови форми на дејствување како проширување на активностите на Остен.
Покровител на 39. Светска галерија на цртеж е Фондацијата „Аполонија” од Гевгелија.