Одбележан светскиот ден на книгата во НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола

По повод светскиот ден на книгата и авторското право, во понеделникот (23 април) беше организирана пригодна манифестација во НУУБ „Св.Климент Охридски“ во Битола.

Идејата за одбележување на овој ден потекнува од Каталонија, каде на 23-ти април на денот на католичкиот празник „Св.Јурја“, традиционално се подарува ружа за секоја подарена книга, традиција која трае скоро 100 години. Се смета дека овој датум е избран затоа што на 23-ти април како повод е земена и смртта на великаните на светската книжевност Мигуел Де Сервантес и Вилијам Шекспир.

Организацијата на Обединетите нации во делот на наука, образование и култура, УНЕСКО, го одбележува светскиот ден на книгата и авторските права со помош на бројни издавачи и книжарници, учители и стручњаци за комуникации.

– Со оваа манифестација се промовира читањето, објавувањето и заштитата на интелектуалната сопственост по пат на авторските права.Во последните неколку години морам да истакнам дека бројот на читатели во нашата библиотека е зголемен за 50 проценти – изјави директорот на библиотеката Науме Ѓорѓиевски.

Програмата беше збогатена со читање на пораките од генералната директорка на УНЕСКО Ирина Бокова, и д-р Александар Прокопиев, од Институтот за македонска литература. УНЕСКО посакува секого, а особено помладите да ги поттикне на читање и да се промовира издаваштвото , базирано на интелектуалната сопственост и заштита на авторските права.

Одлуката да се одбележува овој ден како светски ден на книгата и авторските права е донесена на општата конференција на УНЕСКО, одржана во Париз 1995 година.

You May Also Like