На 13 ноември (вторник) со почеток во 20:00 часот на големата сцена на МОБ ќе се изведе една од најубавите македонски опери „Лидија од Македонија“ на нашиот композитор Ристо Аврамовски. Проект кој е во соработка со Град Скопје по повод денот на ослободување на Скопје-13-ти Ноември.
Диригент на претставата е Алесандро Д’Агостини (Италија). Режисер Пламен Карталов (Бугарија) со обнова на режија на Трајко Јордановски. Сценографија е на Панче Минов и костимографија на Елена Дончева.
Во главните улоги ќе настапат Весна Ѓиновска- Илкова во улогата на Лидија, Игор Дурловски во улогата на Павле, Горан Начевски во улогата на Силас, Ѓорѓи Цуцковски во улогата на Тимотеј, Ернес Ибраимовски во улогата на ангелот човек, Ана Ројдева Талевска-Асиа, Олгица Милевска – Агиа и Марика Поповиќ – Дина.
Операта “Лидија од Македонија” е опера во два дела. Создадена е во 2001 година, по нарачка од Македонскиот народен театар. Либретото го направиле Французите Дора Петрова и Ги Шеле во препев на Лилјана и Јордан Плевнеш.
Се работи за првата покрстена жена на европскиот простор од свети апостол Павле, која се викала Лидија и била од Македонија. Се обработуваат настани што се случиле во тоа време. Тоа е библиска тема.
Изведбата на оваа опера е во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.