Спортски манифестации за 13 Ноември

Викендов, на неколку локации во градот Скопје, ќе се одржат традиционални спортски настани по повод 13 Ноември, Денот на ослободување на градот Скопје.

Денеска (10 ноември, сабота), во Малата сала во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, во Скопје, од 13 до 16 часот, ќе се одржат  Финалните борби и доделување на главната награда во рамки на најголемата боксерска Манифестација во Македонија „Златен Гонг Скопје 2012“. Меѓународниот традиционален боксерски турнир “Златен Гонг Скопје 2012“, е во организација на Боксерскиот клуб „Скопје“, Организациониот одбор на Боксерската федерација на Македонија, Македонскиот олимписки комитет, Сојузот на спортови на Скопје и Град Скопје, а помагатели на Манифестацијата се Владата на Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт.

Во недела, на 11 ноември, од 11 – 15 часот, во Кугланата „Мусандра“ во Градски трговски центар во Скопје, ќе се одржи традиционалниот   Меѓународен кугларски турнир “Скопје Опен 2012“. Организатор на оваа спортска Манифестација е Кугларската федерација на Македонија, а финансиски покровител е Градот Скопје.

Еден час подоцна, во 12 часот, на 11 ноември /недела/,  на реката Вардар кај Камениот Мост во Скопје во организација на Кајак клубот Илинден, ќе се одржи   „Кајак спуст на реката Вардар“.

Во организација на Боречкиот клуб Тефејуз, в недела на 11-ти од 11 часот до 14 часот, во училишната спортска сала при ОУ „7 Март“ – Скопје, ќе се одржат и финалните натпревари во рамки на „Младинскиот турнир во борење по повод 13 Ноември“.

„Традиционално искачување на врвот Љуботен“ во организација на Планинарското друштво Макпетрол, ќе биде дел од неделните спортски активности во чест на Празникот на градот Скопје, 13-ти Ноември. Тргнувањето е од пред паркингот на Македонски пошти кај Нова железничка станица, во  06:00 часот, а целта е искачување до врвот Љуботен 2499 метри надморска височина, на Шар Планина (Тетовско).

Во организација на Македонска традиционална карате федерација в недела, од 12:30 до 14:30 часот, во „Будо центар за карате“, во населбата Кисела Вода (во зградата на екс фабриката Цветан Димов), ќе се одржи „Турнир во традиционално карате“.

„Ноќната атлетска трка низ улиците на Скопје“, што ќе се одржи в недела на 11.11.2012 година, во 16 часот е во организација на Атлетската федерација на Македонија. Стартот на трката ќе го означи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а стартот ќе биде од Плоштадот Македонија – кај споменикот „Воин на коњ“.

You May Also Like