Потпишување на Меморандум за разбирање во Маврово

Утре ( 17 мај 2013, петок) во 12:00 часот, во просториите на Јавната установа Национален парк Маврово ќе се потпише Меморандум за разбирање помеѓу Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, Националниот парк Маврово и Општината Маврово и Ростуша.

Меморандумот има за цел да ја формализира соработката помеѓу потписниците на полето на собирање на други шумски производи, односно лековити билки и печурки, на територијата на националниот парк Маврово, а ќе го потпишат г. Карл Ларкинс, Директор на Проектот за експанзија на мали бизниси, г. Мукрем Мехмеди, Градоначалник на Општина Маврово и Ростуша и г. Онер Јакупоски, Директор на Националниот парк Маврово.

Соработката меѓу потписниците ќе вклучува техничка помош од страна на Проектот за изработка на правилници со кои ќе се дефинира начинот на собирање и користење на лековитите билки и печурките, начинот на издавање дозволи за собирање, како и обучувањето на заинтересираните лица. Меморандумот исто така опфаќа отворање на 4 нови откупни центри и активности за промоција на собирањето други шумски производи како економска активност.

Целта на соработката е да се поттикне локалниот економски развој преку организирање и регулирање на оваа област, со што ќе се отворат можности за сезонска работа за локалното население и остварување на постабилни приходи. Истовремено, едукацијата за правилно собирање на билките и печурките е во функција на заштита на природата, со што ќе се обезбеди одржливост на активноста.

You May Also Like