Вчера (среда, 14.9.2011 година) на платото пред Младинскиот културен центар – Скопје се одржа прес на кој што беше претставена програмата за годинашново, триесет и шесто издание на Меѓународниот театарски фестивал – МОТ 2011, што ќе се одржи од 21 до 28 септември 2011 година.

Програмата ја промовираа директорот на МКЦ, Златко Стефковски, и програмскиот директор Дејан Пројковски.
Годинава МОТ под слоганот „Млад Отворен Театар“ ќе продолжи да ја испишува својата театарска историја. На програмата ќе бидат 9 претстави од странство, 9 домашни претстави, 3 концерти, 2 промоции на книги и една инсталација.
На отворањето на 36-то издание на МОТ, на 21.09.2011 година, како специјални гости со целовечерен концерт на платото пред МКЦ ќе настапат култните Tuxedomoon, а вечерта ќе се одиграат и претставите „Звукот на коските што се кршат“ на Театра од Скопје, и „Турбо Парадисо“ на Коsztolanyi Dezso, унгарски театар којшто работи во Суботица, Србија.
Жирито на Фестивалот е во состав: Љубиша Никодиновски-Биш, основач на МОТ, Александра Бошковска, театарски критичар и Ѕвездана Ангелова, актерка.
Во рамките на Фестивалот ќе се одржат две промоции на книги, „Краток вовед во бесконечноста“, во просториите на Кино Милениум и „Театарот на движење“, и една инсталација на Филип Јовановски.
Ова 36-то издание на Меѓународниот театраски фестивал- МОТ 2011 ќе заврши на 28 септември со претставите „Јас, љубам , бог“, на Буден Театар, и „Неверство“ на ЦК театар.
Покровители на Младинскиот отворен театар се Градот Скопје и Министерството за култура, а програмата ја реализира Младинскиот културен центар-Скопје.