Министерката за култура на Македонија и заменик-претседателот на Турција го посетија Охрид

Министерката Елизабета Канческа-Милевска и заменик-претседателот на Владата на Република Турција, Бекир Боздаг  во рамките на престојот во  Охрид посетија повеќе споменици на културата: реставрираното Турбе на Синан Челеби на Плаошник и реконструираниот Воска амам во Охрид, каде ја отворија изложбата  „Градска облека Ала Турка“.

Канческа–Милевска на отворањето на изложбата истакна дека нејзината реализација како и реконструкцијата на Воска амамот е чин на сојузништво, кој ја отсликува довербата меѓу двете земји и желбата заеднички да се надминат границите на сопствениот културен простор.

Парчињата облека  презентирани на изложбата, според министерката, потсетуваат на времето кога фустаните од скапоцени материјали, кадифе,  богато украсени со вез од срма, европските костуми, панталони, елеци  биле дел од градската мода што го отсликувала културно историскиот развој на Охрид, особено развојот на градската облека со ориентален стил Ала турка.

Комплетната реконструкција на  спомениците на културата од Османлискиот период во Охрид, Воска амамот, турбето на Синан Челеби и теќето на Зејнел Абедин паша, кои говорат за постоењето и развитокот на осмалинската култура на Балканот, е извршена од страна на Министерството за култура и турската агенција за соработка и координација- ТИКА, во соработка со Исламската верска заедница.

You May Also Like