Македонски филмови на белградска „Врева“

„Гладни за промени“ гласеше мотото под кое се одржа првиот Уличен фестивал за активизам „Врева“ во Белград, Србија. На него беа прикажани и македонски краткометражни филмови, како и видеа на тема „Маргинализација“ на средношколци од четири скопски училишта.

Преку Центарот за медиумски активности (ЦМА) и Македонскиот филмски фонд, белграѓани под отворено небо, во паркот „Теразијска тераса“,имаа можност да ги погледнат филмовите „Синот“, „Образ“, „Жарче“ и „Девојчето со кибритчињата“.

На истото место во текот на дводневниот фестивал имаше проекција и на „Турнир“, „Те разбирам“ и „Размисли пред да осудиш“, средношколските видеа кои произлегоа од „Работилницата за визуелна култура“, која како и „Врева“, е дел од активностите на платформата за активизам „Лицеулице“.

Фестивалската врева се случуваше на повеќе нивоа.Имаше изложби на фотографии, работилници и презентација на рециклирани предмети и накит, работилници, дебати за јавниот простор, штандови со улична храна, многу музика, и сето тоа во знакот на активизмот.
На целиот простор публиката ја пресретнуваа насмеаните лица на продавачите на српското издание на магазинот „Лицеулице“. Од неодамна, списанието има и македонско издание, „Лице в лице“, кое е дополнето со актуелности од кај нас.

Публиката во Белград имаше можност да ги чуе и најновите активистички стихови на поетите кои се дел од манифестацијата “Песничарење“. Едни од највпечатливите учесници на фестивалот беа основци и средношколци, членови на бендовите „КП2“ и „Жути транзистор“. Музичкиот дел на фестивалот ги опфати и настапите на „Хоркестар“, како и групата „Дебели бициклисти“ кои настапија свирејќи на велосипеди.

Организаторите се задоволни од првото издание и планираат фестивалската врева да продолжи и следната година со уште побогата програма.

Основната идеја на “Врева“ е афирмација на вредности како: мултикултура,толеранција, демаргинализација, антидискриминација, инклузија,заштита на животната средина.

You May Also Like