Првата фестивалска вечер (7 декември, петок) на Фестивалот на музика од светот стартува во 20:00 часот со концерт на Васил Хаџиманов бенд во Големата сала на Центарот за култура во Битола.
Првиот сегмент на оваа фестивалска вечер ќе биде одбележан со целосно авторска музика на Васил Хаџиманов Бенд, кој овој пат ќе настапи како квинтет. Бендот познат по својата уникатната хемија и големиот спектар на стилови како балкански музички вариетети и џез фузијата, ќе има можност да го отвори годинашното издание на фестивалот.
Вториот сегмент на првата фестивалска вечер, ќе продолжи со интимен концерт на грациозната Каролина Гочева која пред својата публика ќе се претстави со исклучително успешниот албум „Македонско девојче“.
На настапот Каролина ќе биде придружувана од Николче Мицевски (хармоника), Благојче Трајковски (кларинет), Зоран Костадиновски (гитара), Оливер Јосифовски (контрабас), Зоран Ристевски (тапани).