Излезе „Џебната енциклопедија на македонски револуционери“ од Славчо Ковилоски

Во издание на „Современост“ и „Урбаниот Институт – Скопје“ излезе „Џебната енциклопедија на македонски револуционери“ од Славчо Ковилоски. Рецензенти на енциклопедијата се Проф. д-­р Наташа Котлар – Трајкова и Проф. д­- р Вера Гошева од Институтот за национална историја.

Енциклопедијата своето претставување ќе го има во Музејот на македонската револуционерна борба, денес (петок, 7 декември), од 13 до 15 часот. Во органичен тираж од 100 примероци на самото место, енциклопедијата ќе може да се купи по промотивна цена од 150 денари. Истовремено, на заинтересираните, ќе им биде презентирана и понудена и монографијата „Македонија и Балканските војни“.

Оваа енциклопедија се наметна како производ, сам по себе, по повод 100 годишнината од почетокот на Бал­канските војни, како и во очи на 100 годишнината од Букурешкиот мировен договор, 110 годишнината од Илинденското востание и 120 годишнината од основањето на Македонската револуционерна организација.

Поттикот да се сработи вакво џебно издание во кое ќе бидат претставени македонските револуционери од Илинденскиот период се должи на фактот што во 2011 година се појави првата македонска енциклопедија на револуционери која го опфаќа периодот од основањето на МРО во 1893 година, па сè до Балканските војни 1912/13, насловена како „Македонија – кратка енциклопeдија револуционери“.

Оваа џебна енциклопедија, прва од ваков вид, во својата основа ја има токму минатогодишната енциклопедија. Таа ги собира на едно место и обработува животите и делата на македонските револуционери од Илинденскиот период, со единствена цел, на македонскиот читател за прв пат да му понуди преглед на учесниците и борците од создавањето на МРО и Илинденското востание, односно, на секој заинтересиран читател и љубител на македонското револуционерно дело да му послужи како патоказ во откривање на личности и борци кои дејствувале со единствена цел и својот живот го дале за слободата на Македонија.

Покрај биографиите, презентирани се и поголем број фотографии на македонски револуционери на едно место.

„Џебната енциклопедија на македонски револуционери“ треба да ја пополни празнината во македонската историја која се однесува на биографските податоци за голем број македонски револуционери. Делото пред сè е наменето за пошироката публика која на едно место ќе може да ги види најзначајните борци за македонската слобода од Илинденската епопеја. Од тие причини, сработениот проект е именуван како „Џебната енциклопедија на македонски револуционери“ бидејќи во енциклопедијата се застапени луѓе, покрај Македонците, од најразлична етничка припадност, а кои живееле на територијата на Македонија.

You May Also Like