Изложбата „Карпести приказни“ на Васил Костов во Прилеп

Вечерва (петок,  23 ноември 2012 година) со почеток во 19:00 часот, во галеријата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на слики „Карпести приказни“ од уметникот Васил Костов, кој ќе се претстави со 15 дела.

Досега реализирал 20 – тина самостојни изложби, повеќе од стотина групни. Учесник е повеќе ликовни колонии.

„Карпести приказни“

Васил Костов – Карга уште од почетокот на шеесетитте години на дваесеттиот век па се до денес многу прецизно, восхитувачки точно го испишува своето ликовно писмо, оригинално до совршенство. Карга, се изразува на речиси сите ликовни полиња: масло на платно (каде што е доминантен), акварел, гваш, молив, туш, графика, комбинирана техника.

Тематските интересирања во сликите од оваа изложба со единствен наслов ,,Карпести приказни,, се каменот, природата, објектите, пределот. Автентичното гледање на природата или уште поубаво животот е чувството кое во нас го побудуваат сликите при првата средба со нив.

Колку што планините, карпите од својата внатрешност ја истураат изворската вода, толку слично и успешно слика Костов.

Васил Костов со истанченост на мајстор во занаетот – масло на платно, во Карпестите приказни или Дедостен, Крик, Кај врбите, Предел, Стени и врвови е редок проценувач на немирните убавини и реткости во македонскиот предел. Со филигранска прецизност, со чистина во зафатите и кадрите, до перфекција, со минциозна прецизност во пренесувањето на детаљите е силен и суптилен дух кој не води во вечноста на убавината.

Во сликите Разговор, Манастир, Сведоци, Црква, Костов всушност говори за времето, за просторот, за историјата. Во овие и внатре овие слики се манифестира неговото врвно мајсторство за комбинаториката.

Изложбата ,,Карпести приказни,, не води низ универзумот кој е сместен во еден сон, а вековите во една ноќ.

Сликите на Васил Костов со иста енергија говорат за бескрајното мало и бескрајното големо. Тие суверено владеат во македонското сликарство.

You May Also Like