Денеска (четврток, 3 јули) во 21:00 часот во Галеријата на НЛБ Тутунска банка ќе биде отворена изложба на слики со наслов „Маски“ на Андријана Радевска. Изложбата е во рамките на Скопско лето.
Андријана Радевска е родена 1991 година во Скопје. Средно образование завршила во 2009-та година во ДСУПУ ,,Лазар Личеноски’’. Во 2013 година дипломирала на одделот за сликарство на Академијата за ликовна уметност во Скопје, во класата на професор Благоја Маневски. Учествувала на повеќе групни и самостојни изложби.
За изложбата „Маски“ Радевска ќе запише: „Темата на овој циклус сосема се разликува од оригиналната намена на африканските маски. Во овој дел од светот во кој ние живееме, и го нарекуваме модерен, современ, луѓето многу често ги менуваат своите маски дури и неколку пати дневно.Се разбира не се мисли на маски во буквална смисла на зборот, туку на оние емоционални маски за кои мислиме дека ни помагаат да го поминеме денот. Темата за овој циклус е инспирирана од денешното модерно живеење, и сите стеги и маргини на општеството кои свесно и несвесно не наведуваат да бидеме она што треба да бидеме, а не она што навистина сме. Секое дело посебно претставува дел од композиција, збир на повеќе вакви дела со иста тематика, се со цел да се добие поголемо значење колку многу ги користиме маските, и колку многу ги имаме на број, со кои се служиме секојдневно копнеејќи да си го олесниме животот, несвесни дека само повеќе се заплеткуваме во сопствената мрежа. Токму тука ја пронаоѓам мојата инспирација, бидејќи кога се вака изложени, на површина, отворени за сите да ги видат, се надевам дека делата ќе го допрат гледачот, и дека можеби ќе создадат нова мисла на темата маски во нашето живеење“ – вели за своите дела Радевска.