Со театарската претстава „Турбо Парадисо“ на Коsztolanyi Dezso, унгарски од Суботица(Србија), во Младинскиот културен центар-Скопје, вчеравечер (среда, 21.09.2010 година), во 21:00 часот беше отворено 36-то издание на МОТ 2011.
– Вљубениците во театарската уметност, годинава на МОТ ќе имаат можност да гледаат претстави од Србија, Словенија, Чешка, Узбекистан, Литванија, односно да гледаат авангарден и експериментален театар од домашната и од меѓународна сцена. На ова издание на МОТ ќе се одиграат вкупно 18 претстави, девет европски, коишто се актуелни и постигнуваат значителен успех на светските сцени, и девет македонски претстави, во коишто на публиката и се нудат авангардни идеи и интересна театарска игра – истакна градоначалникот Трајановски.
Вечерва на програмата се две странски претстави, „ЧЕКАЛНИЦА“, Чешка, на режисерот Вилијам Доколомански, којашто ја одбележа минатата година во Европа и „БРЕХТ-ХАРДКОР МАШИНА“на Коsztolanyi Dezso, Србија.
Следните фестивалски вечери публиката ќе има можност да ги види пријателите на МОТ, Словенско младинско гледалиште со претставите „Злосторство и казна“ во режија на Диего де Бреа, новото големо име на словенечкиот театар, и „Последниот танц на Нижински“ во режија на Марко Млачник. Македонската публика ќе види и претстава од Узбекистан. Станува збор за „Медеја“, претстава којашто ќе донесе поинакви вредности од европскиот театар, а во себе ги содржи културните вредности на една друга средина. Селектиран е и големиот балкански хит „Господа Глембаеви“ на „Ателје 212“ од Србија, во режија на Јагош Марковиќ, во која игра македонскиот актер Никола Ристановски.
Претставата „Ромео и Јулија“, годинава доаѓа од Литванија, во режија на Оскарас Коршуновас, којшто минатата година на МОТ гостуваше со „Сон на летната ноќ“.
Од македонските претстави љубителите на театарската уметност ќе може да ги видат: „Звукот на коските што се кршат“, потоа „Брод за кукли“ на театарот „Вондерленд“ во режија на Нела Витошевиќ, којшто ќе ја прикаже и „Класен непријател“ во режија на Васил Христов, „Љубовницата“ на театарот „Интимејт“ во режија на Софија Ристевска, „Метаморфози“ на Охридскиот театар во режија на Андреј Цветановски, „Роберто Зуко“ во режија на Ирена Стеријовска на театарот „11-мина“, „Слугинки“ на театарот „Ноу нејм“, во режија на Иван Јерчиќ, „Јас, љубам, Бог“ на „Буден театар“, во режија на Милијана Ленак и „Неверство“ на „ЦК театар“, во режија на Нина Николиќ.
Целовечерни концерти на МОТ ќе имаат и македонските групи „Ла колони волвокс“ со бугарскиот кавалџија Теодосиј Спасов како гостин, како и „Биоскопија“ на затворањето на фестивалот, новиот проект на Горан Трајковски („Анастасија“) и Елена Христова („Балкава“). Организаторите на МОТ, по одигрувањето на претставите, за посетителите секоја вечер организира и забави до доцните часови со македонски диџеи.
36-то издание на Меѓународниот театраски фестивал- МОТ 2011 ќе заврши на 28 септември со претставите „Јас, љубам , бог“, на Буден Театар, и „Неверство“ на ЦК театар.
Покровители на Младинскиот отворен театар се Градот Скопје и Министерството за култура, а програмата ја реализира Младинскиот културен центар-Скопје.
Цената на билетите, коишто од понеделник се пуштени во продажба, изнесува 300, 400 и 500 денари, односно 200 денари за македонските претстави, додека вкупен билет изнесува 1.500 денари. Фестивалот е финансиран од Министерството за култура со 4,5 милиони денари и 800 илјади денари од Градот Скопје.