Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) слави 65 години

Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска (13 февруари 2012 година) го прославува јубилејот – 65 години од своето основање, со врачување на наградите за најуспешни дела објавени во текот на 2011 година.

Покровител на одбележувањето на 65-годишнината од основањето на Друштвото на писателите на Македонија е претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој, по тој повод, му додели на ДПМ „Повелба на Република Македонија”.

ДПМ претходно ги соопшти носителите на признанијата на Друштвото за 2011 година. Ристо Ѓ. Јачев е добитник на наградата „Ацо Шопов” за најдобра поетска книга, Петре Димовски ја доби наградата „Стале Попов” за најуспешна прозна книга”, Венко Андоновски се закити со наградата „Димитар Митрев” за најдобра книга критики, а наградата „Ванчо Николески” за најуспешна книга за деца ќе ја понесе Билјана Станковска.

Друштвото на писателите на Македонија е формирано во 1947 година и до сега во него членувале 420 писатели од сите генерации. Прв претседател на ДПМ беше Блаже Конески.

You May Also Like