Гостување на канадската авторка Криста Јохансен во Скопје

Утре (петок, 26 април 2013 година), во 9:30 часот во просториите на Домот на култура „Кочо Рацин“ издавачката куќа Вермилион ќе го промовира своето најново издание „Тори и пиратската кралица“ од Криста Јохансен.

Настанот се реализира во соработка со Домот на култура „Кочо Рацин“. Авторката ќе прочита извадоци од својата книга и ќе разговара со присутните за процесот на пишување на фантастична литература за деца. Средбата е отворена за сите заинтересирани, а специјални гости ќе бидат учениците од основното училиште „Гоце Делчев“ од Скопје.

На 27 април 2013 година во 10.00 часот Криста Јохансен ќе го посети Здружението за развој на Ромската заедница „Сумнал“, каде ќе се сретне со децата кои го посетуваат центарот на Сумнал во Топаана и ќе им подари примероци од својата книга.

Авторката Криста Јохансен со серијата за авантурите на Тори ги води своите читатели на патување кое никогаш нема да го заборават. Оние кои уживаа во авантурите на Тори и Палче во „Тори и принцот змија“, сега ќе можат да ја прочитаат новата епизода од патешествијата на Тори во „Тори и пиратската кралица“. Овој пат авантурата е поморска: Ана е млад капетан на мисија да го спаси татка си од Невила, пиратската кралица. Посадата на бродот ја сочинуваат дузина пензионирани пирати и нејзиното тајно оружје: Тори, најстарото Старо од Дивата шума. Пирати, волшебни богатства, морски змии, принц на пуст остров и кралство на кое му се заканува ужасна клетва…

„Тори и пиратската кралица“ е добитник на Наградата Лила Стерлинг која ја доделува Друштвото на писатели на Канада, а Криста Јохансен е добитничка и на наградата „Ана Франк“ во 2010 година, која ја доделува Фондацијата „Македонија презент“.

Издавачката куќа „Вермилион“ е посветена на промовирање литература за деца и млади, во превод и од домашни автори, која поттикнува меѓународно разбирање и ширење на вредностите на културата за мир. Сите изданија на „Вермилион“ се печатат на рециклирана хартија.

You May Also Like