Порака на Саша Ефтимова, МОБ (балерина и кореограф) по повод Светскиот ден на танцот, 29 април:
„Секоја сцена е големо игралиште. Светот е големо игралиште.
Животот е големо игралиште.
Танцувањето на таа сцена е слично како танцувањето на уметничката сцена, каде што можете да бидете слободни.
Детето во нас е изворот за нашата уникатност и креативност, игралиштето е само место каде што можеш да ги следиш и откриваш своите таленти.
Танцот е славење на животот. Танцот е уметност на просторот и времето, бескрајно патување, форма на медитација, која живее низ вековите. Танцот е експресија која секогаш раскажува приказни. Танцот е убава драма која ја открива вистината. Музиката и танцот нè водат низ животот. Музиката го има изразот на хуманоста која го допира нашето тело, а танцот ја завршува реченицата. Танцот е како поезија, запишана на сцена, со секое поединечно движење ја исполнуваме секоја празна страна во книгата.
Танцот е пулс на твоето срцебиење, танцот дише и е ритам на животот, израз за времето и движењето.
Танцот е секаде околу нас. Танцот ги спојува уметноста и културата и ги соединува сите нации низ светот. Да се танцува е да живееш, да се чувствуваш жив, да се чувствуваш слободен, да се изразиш.
Говорејќи преку движење, ставајќи ги сите твои емоции на отворен простор значи да и`дадеш на публиката нешто по што ќе те запамети; танцот може да промени нешто во нив без нивно знаење. Танцот доаѓа од еден многу искрен простор, затоа зборувај од срцето и сè ќе те следи потоа. Емоциите се поубави од зборовите. Емоциите нè водат во танцот, во животот, тие комуницираат со нашите највисоки и најдлабоки духовни мисли. Танцот е комуникација помеѓутелото и душата, изразува нешто што тешко се наоѓа со зборови, со допири, со движења, танцот инспирира … да заборавиш, да си го растргнеш срцето, давајќи ја душата, стоејќи гол/а под светлата, онака како што сме создадени.
Танцот е волја за живеење, а без тоа ние сме изгубени.“