Викендов проекција на документарци во Кинотека на Македонија

Во рамките на циклусот документарци и играни филмови, на 14 јануари 2012 година (сабота), во 20:00 часот во просториите на Кинотека на Македонија, а во организација на културно – информативниот центар на Србите во Македонија „Спона“ во Скопје ќе се одржи проекција на документарниот филм „Југо“ во режија на Мина Ѓукиќ, и играниот филм „Тилва Рош“ во режија на Никола Лежаиќ.

Настанот претставува мала ретроспектива на продукциската куќа Кисело Дете од Белград, Србија, која е една од најмладите, но и најуспешни продукции во Србија.

Влезницата е 50 денари.

Југо

Режија: Мина Ѓукиќ
Сценарио: Мина Ѓукиќ
Времетраење: 30’
Улоги: Зоран Миљковиќ, Анѓела Стаменковиќ, Душица Варјачиќ, Драгомир Краговиќ, Славољубка Славковиќ

Yugo, е получасовен играно-документарен филм, кој низ судбините на различни луѓе се обидува да го расветли феноменот на Југо автомобилот, симпатичниот маргиналец, со мали капацитети, но големи амбиции и тоа во периодот од 1980-2008 додека се произведуваше.

Филмот комбинира изјави на автентични работници кои работеле на производството на Југо, архива, како и реконструкции на различни фрагменти од историјата на Југото, кои го прикажуваат како семеен, но и мангупски автомобил, како дел од големиот американски сон, или како симбол на изневерените очекувања. Овој филм е мал „комеморативен“ осврт кон историјата на автомобилот кој долго време духовито и вистински, а понекогаш и случајно, го симболизираше времето во кое се произведуваше.

Тилва Рош

Режија: Никола Лежаиќ
Сценарио: Никола Лезаиќ
Времетраење: 95’
Улоги: Марко Тодоровиќ, Стефан Џорџевиќ, Дуња Ковачевиќ
Фестивал: Сараево, Ротердам.

Тода и Стефан се најдобри другари, скејтери, кои го поминуваат првиот летен распуст по завршувањето на средно училиште. Стефан на есен ќе почне со студии. Тода вели дека не би се запишал на факултет дури и да има пари. Го минуваат времето снимајќи клипови во стилот на „Jackass“ и се дружат со Дуња, девојка која се вратила од Франција за распустот и околу чија наклоност влегуваат во тивка војна. Чудниот однос на пријателство кој се распаѓа и соперништво, се претвора во меѓусебен натпревар. Но, кога малиот протест на синдикатите ќе прерасне во вистински неред нивната деструктивност повторно ќе ги поврзе.

You May Also Like