Овации за македонските уметници во Украина

Со овации и аплаузи, синоќа (среда, 26 септември, 2012) на сцената на Националната опера и балет во Киев беа поздравени настапите на Ансамблот за народни песни и игри „Танец“ и на уметниците Сихана Бадавуку и Маја Кастратовиќ, во рамките на отворањето на дводневната манифестација Денови на македонската култура во Украина.

Во преполната сала, во присуство на многубројни гости, претставници на дипломатскиот кор, амбасадорот на Република Македонија во Украина, Ацо Спасеновски и заменик-министерот за култура на Украина Кохан Тимофеј Григорович, заменик-министерот за култура на Република Македонија Драган Недељковиќ во своето обраќање истакна дека презентирањето на македонската култура во престолнината на Украина, Киев претставува значаен придонес во зацврстувањето на македонско-украинското пријателство.

Претходно во изложбениот простор на Националното здружение на сликарите на Украина  со ocобен интерес беше проследена изложбата на теракотни икони од Виничкото кале на Музејот на Македонија, која предизвика големо внимание кај украинската јавност.

Во рамките на посетата на Киев заменик-министерот Недељковиќ денеска ќе се сретне со украинскиот министер за култура Михаил Кулињак. Манифестацијата Денови на македонската култура вечерва ќе биде заокружена со претставата „Александар“ во изведба на актерската екипа на Драмскиот театар, а потврда за големиот интерес на украинската јавност за настапите на македонските уметници е и фактот дека билетите за сите настани одамна се распродадени.

Деновите на македонската култура во Киев, кои се реципроцитет на Деновите на украинската култура одржани минатата година во нашата земја, се одлична можност за продлабочување на традиционално одличните културни врски меѓу двете земји подвлечени со Програмата за соработка потпишана меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Украина за периодот 2010-2014.

 

You May Also Like