Во среда (10 август 2011 година) со почеток во 21:00 часот, програмскиот дел на БИТ ФЕСТ нуди избор на два интересни настани:
21:00 часот Центар за култура ,,Незаборав” – Концерт во чест на Јонче Христовски во живо со Групата ,,Боеми” и познати битолски пејачи
Јонче Христовски е роден во Битола во 1933 година, а умре во Скопје во 2000 година. Христовски бил познат македонски пејач, текстописец и композитор на песни во народен дух, исклучително популарен естраден уметник, кој славата на македонскиот мелос ја пренесувал низ целиот свет. Создал сопствен интерпретативен стил, препознатлив и комуникативен со публиката.
Оваа вечер на Незаборав ќе се слушаат неговите песни во изведба на познати битолски пејачи:Билјана Дамјановска, Борче Наумовски, Бојан Стојков и многу други. На концертот ќе бидат испеани 12 песни од Јонче Христовски, а низ презентација на видео материјал ќе се потсетиме на битолските локации, каде Христовски ги пееше своите песни.
Јонче Христовски се прославил со својата песна „Македонско девојче, китка шарена“ (1964) чии препеани верзии се појавиле на англиски, германски, дански, италијански, руски, српски, француски и шпански јазик. Впечатливи му биле и интерпретациите на „Животе мој“, „Ај засвирете ми чалгии“, „Запеј песна Македонко“ и многу други во извонредно богатиот репертоар.
Организатор на концертот во чест на Јонче Христовски е Панде Димитровски, кој и минатата година во рамките на Бит Фест организираше концерт,,Незаборав” за Сашка Петковска.
21:00 часот Амфитеатар Тумбе кафе – Отворено летно кино
10,000 B.C. – авантура, фантазија. Дејството на филмот прикажува случувања во ледената доба. Борба помеѓу старите цивилизации од северот и југот поврзана со љубовна приказна помеѓу поглаварот на племето и киднапираната девојка која што ќе биде одведена во јужните цивилизации. Улоги: Camilla Belle и Steven Strait.