Благојче Наумоски-Бане со „Урбани трансформации“ во КИЦ

Во Културно-информативниот центар во Скопје на 22 мај (четврток), со почеток во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Урбани трансформации“ од ликовниот уметник Благојче Наумоски-Бане.

Овој циклус е продолжување на неговото трагање по визуелните сензации во урбаните простори, кои го опседнуваат авторот со своите динамични композиции, геометризмот и игрите помеѓу материјалноста и апстрактното.

Проф. д-р Гордана Вренцоска го цитира самиот автор кој вели дека проектот се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот.

– За разлика од претходниот проект „Пукнатини/трансформации“ каде беа применети дигиталните техники, во овој циклус авторот целосно се потпира на сликањето со акрилни бои на платно, со што ја нагласува човечката компонента и емоцијата што сака да преовладее во отсликувањето на овие навидум сурови архитектонски структури. Може да се каже дека во оваа серија на платна, од кои повеќето со мали димензии, Наумоски ја доживеал својата сликарска зрелост, нудејќи возбудливи и вибрантни колорни комбинации, неочекувани композициски решенија и смели форми. Но и овде, геометриската апстракција и претопувањето на наративните елементи во текстури, светлосни снопови и сенки (што го потенцира и во воведниот наслов „Енергија на светлината“), нè враќа до намерата на авторот да ни понуди чист визуелен концепт, во кој тој успеал чудесно да ги поврзе сите видливи со невидливите (емотивните) состојки – вели Вренцоска.

You May Also Like