Спомен соба во чест на Никола Бадев во Кавадарци

Спомен соба посветена на легендата на македонската народна песна, кавадарчанецот Никола Бадев, наскоро ќе биде отворена во рамките на новиот музеј во Кавадарци.

Работите се веќе во финална фаза. Проектот го спроведуваат во соработка со градоначалникот и Советот на општината, а во него активно се вклучени и ќерките на Бадев, Роска и Сузана.

– Кавадарци е вистински расадник на квалитетни луѓе од секоја област, па и во музиката и уметноста. Во знак на благодарност за прекрасните песни кои ни ги подари, испеани со неговиот „кадифен” глас, ја подготвуваме спомен собата,  вели Директорката на Музеј галеријата, Весна Ѓорѓиева.

Посетителите ќе можат да ги видат бистата и статуата на доајенот на македонската народна песна, фотографии и плакати од негови концерти во земјава и странство, сингл плочи и видео материјали, благодарници.

Во спомен собата, ќе бидат презентирани и негови лични предмети: како грамофонот, фотоапаратот и камерите, музичките инструменти, часовникот, вратоврска, манжетните од кошулата и бројаницата.

You May Also Like