Деновиве во издание на Уметничката академија ИСТОК од Књажевац излезе од печат „Одење по вода“ („Ходање по води“) од македонски поет Славе Ѓорѓо Димоски.
Книгата содржи осумдесетина песни, а на српски ги преведе поетот Радослав Вучковиќ. Ова е петта книга на Ѓорѓо Димоски објавена во Србија.
Во книгата поместен е пообемен есеј од Душан Стоковиќ, кој дава свое видување за поезијата на Димоски.
– Основна слика на целата поезија на поетот на нијанси Славе Ѓорѓо Димоски би можела да се именува како кутија во кутија. Ништо во неговата поезија не може да се чита и толкува на „прва топка“. Под видливите слики се кријат внатрешни, соновидни. Постојано освојувајќи го треперливиот меѓупростор, поетот ја брише секоја граница, која би ги омеѓувала надворешната внатрешност и внатрешната надворешност, меѓу другото ќе напише Стојковиќ.
Поезијата на Димоски е преведена на над триесет јазици. За неговата поезија напишана е една есеистичка книга, а во Италија одбранет е магистерски труд.