Блаже Конески е великан на македонската граматика, на правописот на современата литература и е наддржавен авторитет, порачаа учесниците на денешната промоција на четвртата книга за Блаже Конески, насловена „Како го читам Конески“ во родното Небрегово и неговата спомен дом.
Според промоторот и претседател на Македонскиот славистички комитет, професор доктор Максим Каранфиловски, книгата која ги изнесува видувањата, чувствата на 30 македонски автори како го чувствуваат Конески е четврта посветена на Конески издадена од фондацијата „Небрегово“.
– Објавени се и три песни посветени и инспирани од творештвото на Блаже Конески. Сметам дека книгата претставува уште еден придонес кон проучувањето на делото на Блаже Конески и на некој начин го афирмира неговото духовно присуство во нашата средина денес и неговото значење во, воопшто, македонскиот културен живот и во нашето културно опстојување, рече Каранфиловски.
Еден од авторите во книгата, писателката Мирјанка Ристеска Селчанец нагласува дека Конески се чита на секој начин.
– Конески се чита секако. Конески се пее, се плаче, Конески се смее, Конески довикува, советува, укажува и на крај Конески забранува да се заборави она што е корен на Македонецот – неговиот мајчин јазик. Јас со задоволство и посебно чувство ги рецитирам неговите песни, нагласи Ристеска Селчанец.
Претседателот на фондацијата „Небрегово“ Трајко Стаматоски вели дека Конески залудно го напаѓале, а јазикот може сам да се одбрани себе си. Блаже Конески, посочи, е икона на македонскиот јазик, великан на македонската национална мисла.
– Мојот текст во оваа книга што ја промовираме денес е под наслов: „Блаже Конески – наддржавен авторитет на своето време. Почитувањето е култура на однесување. Но, ги има и оние што немаат мисла, а можеби има и злонамерници, Сум одговарал на некои напади на Конески, уште од 1990 година кога Блаже беше жив. Имаше напади, не однадвор, туку одвнатре, од државата. Тогаш напишав: „Не гибајте во нешто што е свето“, изјави Стаматоски.
Вера Стојческа Антиќ, универзитетски професор во пензија, е оптимист дека ќе се зголеми интересот за студирање на македонскиот јазик и книжевност иако сега се запишуваат неколку студенти.
– Македонскиот јазик не може да се уништи, ние го говориме, го имаме. Точно е дека треба да се обрне поголемо внимание: Институот за македонски јазик, катедрата, треба да добијат подмладок кој ќе работи, а го имаме. Имаме перспективни научници, а работат на споредни места. За жал малку студенти, неколку се запишуваат на катедрата за македонски јазик и книжевност. Имаме добри студенти, може да се подобри ситуацијата и верувам во тоа, и тоа со внимание и мора да има подмладок на катедрата. Инаку, лани во Солун на промоцијата на мојата книга „Мојот професор пророк“ посветена на Конески, се осведочив во мислењето на истакнатиот грчки поет Костас Валетас кој одржа слово, заклучувајќи дека е штета што Конески не ја доби Нобеловата награда, рече Стојческа Антиќ.