Говорот и јазикот како средство за комуникација отсекогаш го привлекувале вниманието на научниците од многу научни дисциплини. Го привлекувале вниманието и на лингвистите, и на филозофите, и на логопедите, и на наставниците, и на психолозите. Секоја од овие области на свој начин го гледала проблемот на говорната комуникација, која на почетокот се јавува како несвесна манифестација – поддржување, а потоа како свесно реализирана мислата.
Ние може да имаме говор како физиолошка појава, но тој говор да не носи огранизирана и контолирана мисла. Во таква ситуација, ако некој изговори еден збор или исказ како поддржување, и ако го прашаме дали е точен неговиот исказ спореден со исказот на говорителот, тој и за неточниот изговор на зборот и за неговата употребна вредност во исказот, кога е неопходно да реализира еден дел од мислата, ќе даде одговор дека тоа што го кажал има иста вредност како кај говорникот. Тој може да има говор како физиолошка појава, а да не говори ни еден јазик.
Досегашните искуства за проблемот на говорната комуникација изнесе на виделина многу проблеми од јазикот како средство за комуникација. Само во областа на изговорот на гласовите состојбата во македонскиот стандарден јазик е толку долна процентуално наспроти другите јазици со далеку подолга традиција, што бара системна и многу брза интервенција, ако не се сака да се изгуби и тоа што е досега тешко стекнато како македонски стандарден јазик во широко значење на зборот.
Податоците зборуваат дека многу висок процент (според одредени истражувања и над 30%) од детската предучилишна и раната училишна популација има неточен изговор на гласовите, неточност во говорот, па оттука и во јазикот. Тоа и не е без основа, од причина што во основата на овој метод лежат природните законитости во создавањето и изградувањето на сложените психолошки процеси. А говорот и јазикот, макар што се јавуваат на почетокот како несвесно поддржување, претставуваат едни од најсложените психолошки активности во развојот на организмот, а и на самата личност.
Практиката и следењето на развојот на говорот кај децата од предучилишна и раната училишна возраст, гледајќи ги и како проблем во изговорот на гласовите и нормален говор, нуди можност да се забележуваат состојбите од успешното и неуспешното описмеување кај децата од раната училишна возраст. Поточно, сознанија во областа на описменувањето, како и во патиштата за точното формирање на говорната комуникација зборуваат дека од 70-тите години на минатиот век наваму, откако се преминало на сосема поинаков – глобален, т.е. синтетичко-аналитички метод на описменување на првачињата од дотогашниот аналитичко-синтетички, речиси двојно е зголемен процентот на проблемите со говорот. Тоа наведува на размислување да се побараат причините кои доведуваат до таквата состојба при изградувањето на говорот и јазикот како норма. Тоа е еден од клучните проблеми при изградувањето на говорниот и јазичниот систем.
Проблемот со неточноста на говорот и јазикот не е лоциран само кај предучилишната и кај раната училишната популација. Тој се сели со самата возраст и навлегува во професионалната активност на личноста. На тој начин се стигнува и до состојбата на говорот и јазикот меѓу граѓанството, односно кај возрасните. Таму состојбата ништо не е подобра од таа кај детската популација од предучилишната и раноучилишната возраст. Но и тоа и не е без основа, од причина што во основата на овој метод лежат природните законитости во создавањето и изградувањето на сложените психички процеси.
Но, која е материјалната основа за говорната и јазичната комуникација за точното реализирање на мислата на релацијата говорник – соговорник, врз која се напластуваат најсложените психички процеси, кои почнуваат најнапред како најелементарна активност, несвесна по својата суштина, па до најсложени, т.е. асоцијативни поимања на реалниот свет? Тоа се трите периоди од развојот на човечкиот ум.
Првиот период се однесува на времето од раѓањето, па до крајот на првата година од животот. Овој период од аголот на говорот би го нарекле период на освестување за идната личност во социјалната средина. Детето забележува дека се прелеваат некакви звуци, се дига некаква говорна врева, ама од каде да знае дека сегашнава „врева“ некогаш ќе стане комуникација со тие што не може да ги разбере што прават во тој момент. Тоа само се подготвува да им „каже“ дека еден ден таа негова едногодишна опсервација ќе се претвори во иста таква „врева“.
Вториот период го зафаќа времето од првата до крајот на третата година. Тогаш детето почнува да се осмелува да поддржи нешто говорно. Не му е многу јасно што е тоа нешто, ама знае да го заврти главата кон мајката, кон таткото… па дури и да ги именува говорно дека тие се тие. Тоа не знае само од себе, средината му го претставила тоа. Таа го извршила тоа обединување на личноста преку долготрајното именување. Така ќе остане засекогаш, доколку не се најде некоја поинаква информација за осмисленоста на поимите мајка и татко.
Третиот период го опфаќа времето од третата до петтата, некаде до шестата, па и до седмата година од животот. Во овој период настануваат најбурните промени во говорно-јазичната комуникација. Тоа ја осознава вредноста на зборот, но во нејзиното конкретно, опредметено значење. Тоа е период кога се надминува неправилниот изговор на гласовите.
Треба да се нагласи дека овие периоди не се нешто како границата меѓу две држави на географската карта, туку дека низ своето зреење се преклопуваат. Тоа е природната индиви-дуалност на секој жив организам, па оттука и на човекот како свесно живо суштество.
Кога сме веќе кај трите периоди, треба да се истакне суштинскиот момент дека тие не си го менуваат местото, патувајќи низ своето созревање. Не може да се случи, на пример, да созрее најнапред вториот период, па потоа првиот итн. Оттука и зборот не може да го земе местото на гласот. Во врска со ова треба да се истакне дека периодите во исто време претставуваат и фази во физиолошкиот развиток нa човековиот ум.
д-р Снежана Петреска