На денешен ден: Починал Димитар Андонов – Папрадишки

На денешен ден (4 јануари 1954 година) во Скопје умрел Димитар Андонов – Папрадишки, македонски зограф, еден од втемелувачите на современата македонска уметност. Роден бил во селото Папрадиште, во 1859 година.

Димитар Андонов Папрадишки е роден во 1859 година во мијачкото село Папрадиште во непосредна близина на градот Велес. Во своето родно место, а потоа и во Велес, тој се стекнал со образование кое во тоа време било достапно и успешно завршил “четврто класно училиште”.

Немајќи можност да продолжи со своето школување во Велес тој на многу рана возраст, на само 20 години, веќе бил самостоен во својата зографска работа приклучувајќи му се на татко му кај кого и ги стекнал првите уметнички искуства. Димитар Андонов Папрадишки потекнувал од семејство кое под принуда на Арнаутите се иселило од родното малореканско село Тресонче, и кое со генерации наназад го практикувало не само зографскиот занает туку биле и градители, каменоресци и резбари. Оттаму избраниот позив на Андонов бил очекуван.

Желбата на Андонов да го оформи своето образование му се остварила во 1882/83 година кога ја посетува Художествената-иконографска школа во Киев, во класата на професорот А. Вишневски, и која со успех ја завршува. Во 1887 година му се пружила можност да продолжи да студира на престижната Московска академија каде тој по сугестиите на својот професор Вишневски се претставил на конкурсната изложба во Духовната академија во Москва со свое дело – икона во византиски стил. Иконата го освоила сребрениот медал на конкурсот со што Андонов се здобил со парична награда од 1000 рубљи и воедно бил примен на редовно школување со стипендија.

Судбината овој пат не му била докрај наклонета и тој по едно известие дека целото село и неговото семејство биле потполно ограбени од страна на Арнаутите, се враќа во Македонија за да му помогне на своето многубројно семејство. Андонов веќе не се враќа назад да се дошколува, но веднаш се вклучува во зографските работи на татко му на црквите во Гевгелиско и Дојранско.

Неговиот сликарски талент дошол до израз, и тој набргу, веќе бил самостоен во изработка на делата преземајќи ги работите кој му ги препуштил татко му, увидувајќи дека синот го надминал во неговата работа…

You May Also Like