На еден ден пред почетокот на 37. Скопски џез фестивал (среда, 17 октомври), Музејот на Македонија, во соработка со Музејот на африканската уметност во Белград, ја отвора изложбата „Духовите на Африка – Ритуална западноафриканска уметност“.
Публиката за првпат кај нас ќе има можност да се запознае со исклучително богатата и разновидна уметност на повеќе народи од Западна Африка, претставена преку скулптури и маски што биле дел од африканските обреди.
Овие ритуални предмети ќе бидат изложени во наредните два месецa во НУ Музеј на Македонија, период во кој се планираат и голем број придружни активности: предавања, прикажување на документарни и играни филмови, работилници и музика поврзани со африканската култура.
Изложбата, подготвена во соработка и со Скопскиот џез фестивал, кој повеќе од три децении ја афирмира африканската култура во Македонија преку двете манифестации што ги организира (СЏФ и особено „ОФФ-Фест“), ќе биде отворена денес, 17ти октомври, во 20 часот во Музејот на Македонија. По отворањето, следува мал коктел во арт-кафе „Менада“, зачинет со соодветна музика од Западна Африка.