Мaкедонската култура ќе се претстави во Холандија

Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска во вторник (8.2.2011 година) во музејот „Катаријнеконвент“ во Утрехт, Кралство Холандија, ќе ја отвори големата изложба „Ненадмината убавина – икони од Македонија“ на која ќе биде претставен дел од македонското културно наследство со исклучително значење.

Златната маскаНа изложбата, која претставува најголемо презентирање на богатото македонско културно наследство надвор од Македонија, како по своите вредности така и по својот обем, ќе бидат претставени експонати од најзначајните збирки на икони од Република Македонија, од НУ Музеј на Македонија и од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид (Галерија на икони). Исто така, изложбата ќе биде збогатена со извонредни археолошки артефакти од праисторијата и од античкиот период, како и со други исклучително значајни предмети од збирките на нашите музеи. Имено, станува збор за 62 археолошки предмета, 6 примероци од оригинални фрагменти од средновековен живопис, 52 икони и 39 литургиски предмети.

Посебно би ги издвоиле култните жртвеници од раниот неолит со претстава на Големата Мајка – Земја, извонредната фигурина Адам од Говрлево од 4 милениум пр.н.е., исклучителните наоди од локалитетот Плаошник пронајдени во текот на неодамнешните археолошки истражувања во Република Македонија, како и Златната маска пронајдена на Самуиловата тврдина во Охрид, можеби најзначајниот археолошки наод од поновата археолошка историја на нашата земја. Истакнуваме дека дел од овие наоди за првпат се изнесуваат и изложуваат надвор од Република Македонија.

Министерството за култура на Република Македонија со особено задоволство ја прифати иницијативата за организирање на оваа голема изложба не само поради фактот што мал, но извонредно значаен сегмент од македонската историја ќе биде презентиран пред холандската јавност, туку и поради нашите заложби за продлабочување на културните врски што постојат меѓу Република Македонија и нашиот партнер и пријател – Кралството Холандија.

Во рамките на отворањето на изложбата свој настап ќе имаат и етно – составот „Синтезис“ и Влатко Стефановски.

You May Also Like