Русалиите по деветти пат во чест на традицијата и фолклорот

Деветтата средба на русалиски групи од регионот се одржа синоќа во селото Секирник во општина Босилово.

Настапија КУД „Русалии„ од Секирник, Русалиските фолклорни групи од Петрич, Република Бугарија-„Пољаните“ и „Центар“, КУД „Јане Сандански“ од Неготино, КУД „Танец“ од Миравци, Фолклорниот ансамбал „Мегдан“ од Богданци и Костас Новакис од Кофелија, Република Грција.

Според Димитар Иванов од КУД „Русалии“, најважно е што мисијата на Русалиите за зачувување на уникатниот фолклор не само што продолжува, туку и се проширува.

– Нашата цел да ги зачуваме русалските игри од изумирање е остварена. Ние секоја година на нашите средби имаме зголемен број на учесници. Тоа значи дека успеавме и нашата мисија продолжува и нема да застанеме, вели Димитар Иванов од КУД „Русалии“, домаќин и организатор на манифестацијата.

На средбите за прв пат учествуваше и Костас Новакис од Кофелија, Грција. Тој е познат собирач на изворни македонски песни од овој регион, а неговиот настап беше проследен со бурни аплаузи од публиката, притоа исполнувајќи неколку веќе подзаборавени македонски песни.

Средбата на Русалиите финансиски е поддржана од Министерството за култура и општина Босилово, а традиционално се одржува пред големиот христијански празник Успение на пресвета Богородица.

You May Also Like