Зa „Дијалектите на македонскиот јазик како нематеријално културно наследство“

Делото „Дијалектите на македонскиот јазик како нематеријално културно наследство (стручно-правни аспекти)“ од авторот м-р Александар Јорданоски е стручна монографија која излегува од печат во бурни и непредвидливи времиња за македонскиот идентитет, којшто сам по себе ги вклучува јазикот и неговите дијалекти, фолклорот, ракописното наследство, песните, умотворбите, игрите…

Авторот во оваа стручна монографија ги анализира негувањето, грижата и начините за заштита на записите од дијалектите на македонскиот јазик, како и останатите национални богатства кои се под некаква заштита од македонската држава, и на своевиден начин дава правци за дополнително развивање и структуирање на Управата за заштита на културното наследство и нејзините одделенија. Проблематиката со која се занимава м-р Јорданоски е досега „необработено парче македонска земја“, со што претставува и еден од ретките стручни трудови од овој вид. Јас ваквото значајно дело го разгледав детално, а го пренесувам како дело гледано од птичја перспектива, односно ќе дадам свои гледишта (кус приказ) и ќе го поделам истото на неколку важни сегменти коишто сметам дека се значајни за полесна „конзумација“ на заинтересираната читателска публика.

Имено, стручната монографија „Дијалектите на македонскиот јазик како нематеријално културно наследство (стручно-правни аспекти)“, која е првенче на авторот м-р Александар Јорданоски се состои од осум добро структуирани и одлично анализирани поглавја.

Првиот дел од трудот опфаќа основен опис на терминот културно наследство, културното наследство во Република Македонија, како и негувањето на фолклорот, обичаите, старите занаети и други слични вредности во Светската организација за заштита на интелектуална сопственост и УНЕСКО. Вториот дел од монографијата продолжува со анализа на општите начела на нематеријалното (духовно) културно наследство, каде што авторот ги посочува изразите „нематеријално културно наследство“ и „духовно културно наследство“ како генерички поими, па пристапува кон согледувања на правните аспекти кон различните дефиниции за горенаведените термини. Во третиот дел, м-р Јорданоски ја анализира уставната терминологија, каде што вели дека „при подготовките на Уставот на Република Македонија од 1991 година, на почетокот, на прашањето за уставниот модел на заштита не му било посветено соодветно внимание“. Токму тука авторот ги дава и двете уставни формулации употребувани за заштита на културното наследство (првата уставна формулација – „предмети и објекти од особено културно и истриско значење“ и втората уставна формулација – „историско и уметничко богатство“), а воедно длабински навлегува во описот, приказот и разгледувањето на термините „културно наследство“, „заштитено добро“, „класификација на културното наследство“ и „национална класификација на културното наследство“, со сопствени гледишта и стуктуирање на истите. Во четвртиот дел од делото може да се проследат дијалектите како духовно културно наследство, како и клсификацијата на нематеријалното културно, односно духовното наследство, кое опфаќа 3 вида, 21 група, 91 подгрупа, 398 типа и 286 поттипови.

Во истиот дел следиме табеларен приказ на Националната класификација на културното наследство што се однесува на дијалектите во Република Македонија (дијалекти на македонскиот јазик во РМ, дијалекти на турскиот јазик во РМ, дијалекти на српскиот јазик во РМ, дијалекти на албанскиот јазик во РМ, дијалекти на влашкиот јазик во РМ, дијалекти на ромскиот јазик во РМ, како и дијалекти на бошњачкиот јазик во РМ), каде авторот дава свои гледишта и врши детална анализа на ставовите на институциите надлежни за креирање на ваквите стратегии. Во петтиот дел, насловен „воспоставување заштита на дијалектите на македонскиот јазик“, ги проследуваме општите начела на дијалектологијата во општи рамки, и на македонската дијалектологија, каде м-р Јорданоски го удира акцентот на монографијата. Имено, во овој дел се наведени и правните аспекти и механизми со стручна и прецизна терминологија за заштита на дијалектите на македонскиот јазик како нематеријално културно наследство. Авторот дава и упатство за изготвување на елаборат за валоризација на даден дијалект кој е избран за културно добро, а во продолжение дава и прецизни појаснувања на терминологијата за заштита на дијалектите од типот: „воспоставување заштита“, „категоризација“, „класификација“, „вредност“, „регистрација“… Во шестиот дел од трудот можат хронолошки да се проследат законските одлуки и прописи донесени во Република Македонија за заштита на јазикот како нематеријално (духовно) наследство. Седмиот дел во монографијата ги опфаќа дијалектите прогласени за културно наследство на Република Македонија, заедно со приказот на одлуките на Владата на Република Македонија за прогласување „духовно културно наследство од особено значење – поткатегорија исклучително значење“. Последниот дел од монографијата панорамски по хронолошки ред ги анализира сите реализирани проекти од областа на заштита на јазикот како духовно културно наследство во повеќе области од 2007 – 2014 год. (јазик, ракописно наследство, дигитализација, топоними…), каде што авторот м-р Јорданоски зазема и критички став кон неажурноста и мрзеливоста на институциите кои се најодговорни за ваквата ситуација во која се наоѓа културата во Македонија воопшто. На крајот, авторот бара одговори на прашањата: Како е уредена оваа материја во други држави?; Дали и како може македонските дијалекти надвор од границите на Република Македонија да бидат дел од духовното културно наследство?; Што значи само по себе донесувањето на актот за заштита?; Кои чекори се преземени по донесувањето на актот за заштита?

Погоре анализираната монографија од авторот м-р Александар Јорданоски е значајно дело од областа на културата, а само по себе може да претставува универзален прирачник со стручно-правни аспекти, насоки и практични одговори за заштита на македонското културно наследство, кое може да им послужи на вработените во различните институции коишто се занимаваат со: заштита во културата, образованието, дијалектологијата, историјата на јазикот…, но и на секој вљубеник во македонското движно и недвижно културно наследство кое го поседуваме. За крај, ќе му честитам на м-р Јорданоски за вложениот труд во заштитата на македонското културно наследство и за создавањето на значајното дело во областа на македонистиката воопшто во овие бурни времиња токму за македонскиот јазик, темелот на македонскиот идентитет, и се радувам на следните вакви стручни трудови кои ќе го помогнат, промовираат и унапредат македонизмот, како природно културно движење на родените етнички Македонци.

проф. д-р Михајло Марковиќ

You May Also Like