Денеска (4 мај, сабота), во Капан Ан ќе продефилираат новите надежи на македонската бас сцена, во рамките на вечерта насловена “New Kids On The Bass”. Пет диџеи, со просечна возраст од 21 година, ќе ги презентираат најважните стилови на современата бас музика – брејкбит, драменбејс и дабстеп.
Присутните ќе имаат прилика да уживаат во сите бои од спектарот на прекршените ритмови – од ведриот џангл, па ликвид фанк, преку динамичниот биг бит, сѐ до мрачните дарк степ, тек степ и неуро фанк.
Simon Dread (Симон Кипровски, 23), Fuschism (Бојан Поповски, 23), Kesko (Владимир Кесковски, 18), Areni Musashi (Никола Стојановски, 21) и Hi.kick (Христина Илиевска, 20), ќе пилотираат со микс-пултот во кокпитот на Капан Ан. Овие момчиња и девојки се иднината на македонскиот диџеинг и со овој заеднички, револуционерен настап се испишува ново поглавје во нашата клупска сцена. Имено, оваа банда ѝ пркоси на синтагмата „Иднината останува на младите – кога ќе остарат“. За овие млади луѓе – иднината е сега.
Нивната младост и малиот диџејски стаж нека не ве залажуваат. Овие дечки знаат добро да ја „запржат“ атмосферата и да го размрдаат подиумот.
Тие доаѓаат – силно и самоуверено.
Богата вечер во секоја смисла – нови аспекти и нови музички текстури. Ќе биде навистина интересно да се чуе сензибилитетот на новата генерација.
Дефилето започнува на полноќ, а место на подиумот чини 100 денари.
Журката се реализира благодарение на MJM – Macedonian Junglist Movement, а на иницијатива на Скопје Вавилон – нова форма на активизам, која обединува креативни умови и стимулира активности за одржување и унапредување на културниот живот на Скопје.
“New Kids On The Bass” вечерите се дел од серијалот наречен „Homegrown“ во чии рамки се презентираат и промовираат македонските диџеј таленти.