Таксират Фестивал во рамки на оф-програмата за своето годинашно 21-во издание, го најавува концертот на култните SOULFLY (Соулфлај) кој ќе се одржи на 5-ти август во МКЦ!
Славната бразилско-американска метал четворка предводена од неуништивиот Max Cavalera (Макс Кавалера), доаѓа во Скопје во рамки на актуелниот циклус од турнејата за новиот студиски албум „RITUAL“ кој групата го објави лани во октомври!
Повеќе од две децении, SOULFLY ревносно го продолжува својот култен статус со секој последователен албум и турнеја. Во таа смисла и нивното најново, 11-то по ред долгоносечко издание „Ritual“ го остварува ветувањето на легендарното име и ја живее метал церемонијата од највисок поредок со пеколни рифови, громовити перкусии и застрашувачки гролови.
А за основачот на бендот, не треба многу објаснување. Како лидер на еден од најголемите метал бендови Sepultura, само кога ќе се спомене името на Max Cavalera, треш-метал фановите се присетуваат на деведесеттите и времето кога групата владееше на светската сцена со армија верни фанови. Денеска со статус на еден од најзначајните претставници на метал музиката на сите времиња, тој е на турнеја со Soulfly, чиј нов албум го опишува како tribal thrash death и враќање на звукот кој Sepultura го свиреше на круцијалното издание „Chaos AD“.
Уште од објавувањето на првиот албум истоимен „Soulfly“, опстојува неприкосновеното место на групата во пантеонот на светската метал сцена, а нејзиниот легитимитет го потврдуваат и класиците како „Primitive“, „3“, „Prophecy“, „Dark Ages“, „Conquer“, „Omen“, „Enslaved“, „Savages“, и меѓу поновите „Archangel“. Покрај тоа, нивната кариера бележи традиција на соработки кои ги здружуваат некои од најголемите имиња на метал музиката, како Chino Moreno од DEFTONES и Corey Taylor од SLIPKNOT па сѐ до Tom Araya од SLAYER и Todd Jones од NAILS. Заокружување на досегашната 20-годишна кариера претставува токму новиот албум „Ritual“ кој воедно ги покажува Soulfly во најсилно издание, а со кој групата доаѓа и пред македонската публика.
SOULFLY се враќаат по речиси 15 години од нивното последно гостување во земјава кое резултираше со легендарен, неверојатно моќен концертен настап, а уште еден најмалку таков концерт очекуваме на 5-ти август во скопскиот Младински Културен Центар!
Во понеделник, на 3-ти јуни ќе бидат пуштени првите 100 билети за концертот со супер-промотивна цена од 700 денари, а кои ќе се продаваат во продажната мрежа на МкТикетс. По нивното распродавање, цената на билетите во претпродажба ќе биде 850 денари, додека нивната финална цена ќе биде 1.000 денари.
Soulfly се: Max Cavalera (вокал, гитара), Marc Rizzo (гитара), Mike Leon (бас, вокал) и Zyon Cavalera (тапани).